Поголеми групи Македонци од Пустец, Корча и Мала Преспа, кои повеќето добиле државјанства во 2008 година, откако гласале на локалните избори во 2013 година, кој во Ресен, кој во Центар, според потребите за гласови на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, за парламентарните и претседателските избори во 2014 година незаконски биле вратени назад во Албанија, за да гласаат сега за еден од тројцата пратеници од дијаспората.
Дел од нив сведочеа денеска во предметот „Титаник” за злосторничко здружување и изборен криминал, каде што обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски, Едмунд Темелко, Мунир Пепиќ и други од ВМРО-ДПМНЕ.
За таа цел, во нивно име, трети лица, кои сега се на ред да сведочат, поднеле барање до тогашната ДИК да бидат вратени на избирачкиот список на дијаспората. „Образложението” било дека привремено работеле во Албанија. Според обвинението, ДИК ги одбива нивните барања, Управниот суд по политичка наредба им дозволува и тие се ставаат на списокот на дијаспората во амбасадата во Тирана, гласаат и така придонесуваат да победи пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Европа.
Алкета Шункаровска од Леска, Пустец, која сега живее во Ресен, сведочеше на денешното рочиште на „Титаник”. Таа на прашање на обвинителката Лиле Стефанова одговори дека откако стекнала македонско државјанство, никогаш не работела во Албанија. Ни привремено. Работела само во Стење, Отешево.
„Дали гласавте на друго место?”, праша Стефанова.
„Во Тирана, ама не се сеќавам која година беше”, одговори сведокот.
„Како отидовте во Тирана?”, беше следното прашање.
„Имаше налепници по боровите дека треба да се гласа во Албанија и времето кога треба да се тргне. Патувавме со автобус. Имаше и други лица што одеа на гласање. Не се сеќавам дали платив за превозот. Тогаш гласав во Албанија, а тука не”, кажа Шункаровска.
Истото го кажа претходно и Сандре Симони од Пусец, кој во Македонија доаѓа во 2000, а добива државјанство во 2001 година.
Сведокот Леко Настовски од Албанија, кој добил македонско државјанство во контекст на постојаното групно движење, од судијата Осман Шабани беше прашан денеска како се дојдени овие сведоци.
„Со што дојдовте дотука за денешното рочиште?”, праша тој.
„Со автобус”, одговори сведокот.
„Се собравте?”, праша судијата.
„Да, сите сме заедно, и заедно ќе си одиме”, рече тој.
Кочо Настов од Корча, кој од 2008 година кажа дека живее во Ресен, се стекнал со државјанство во 2010 година. Од 2010 до 2014 година е жител на Ресен. Избирачкото право го искористувал во училиштето Мите Богоевски во Ресен.
„Дали во овој период гласавте и на друго место?“, беше прашан сведокот.
„Не“, беше одговорот.
„Дали за време на избори сте барале до некој државен орган избирачкото право да го остварите на друго место?“, беше следното прашање.
„Не“, одговори сведокот.
„Дали во 2014 година за време на избори сте патувале надвор од Република Македонија?“, следеше ново прашање.
„Да, во Албанија“, одговори сведокот.
„Која беше целта на патувањето?“, беше следното прашање.
„И таму сум жител. И таму смеам да гласам“, беше одговорот.
„И таму смеете? И таму гласавте?“, праша тука судијата Осман Шабани.
„Да“, одговори сведокот.
„На кој начин патувавте во Албанија и на кое место гласавте?“, се интересираше судијата.
„Видов има клаено список за да одам да гласам во Тирана“, објасни с сведокот.
„Каде беше тој список објавен и со што патувавте до Тирана?“, потпраша судијата.
„Јас толку не памтам судија“, му одговори сведокот.
„Дали за патувањето во Тирана од некое лице ви беше даден надомест?“, праша судијата.
„Не“, одговори сведокот.
Ана Ридо родена во Мала Преспа во Албанија, од 2008 година живее во Ресен, Доника Каламовска од Долна Горица, Мала Преспа, потоа Виолета Казлароф од Шулин, Мала Преспа, Аделина Митре од Леска Корча, никогаш не работеле во Албанија, откако се дојдени тука. Ниту привремено. На прашање на Стефанова, рекоа никогаш, ниту лично, ниту преку трето лице, барале да гласаат на друго избирачко место од тоа што го имале во Ресен откако ги добиле македонските државјанства. Никогаш не барале да се вратат назад на избирачкиот список во Албанија, за македонската дијаспора.
Адвокатот Александар Михајловски сведочеше дека поднесувал тужби до Управниот суд за лицата од Пустец, откако ДИК пред предвремените парламентарни избори и претседателски избори во 2014 година, одбила да ги врати тие лица на избирачкиот список на дијаспората во Тирана. Овие гласови на тогашната власт и беа потребни за да добие три пратеници од дијаспората. Гласовите од Тирана беа потребни за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Европа.
„Тие избори како што се сеќавам, бевме ангажирани и за други тужби. Немам сознанија како биле прибавени личните податоци на граѓаните за кои поднесував тужби”, одговараше тој на прашања на обвинителката Лиле Стефанова.
Михајловски кажа дека од кол-центар му се јавувале од ВМРО-ДПМНЕ кога партијата имала потреба од негов ангажман.
Судењето продолжува на 17 февруари.
С. К. ДЕЛЕВСКА