Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши смета дека во моментов нема потреба од воведување ограничувања на профитните маржи или на цените на прехранбените производи. Според него, статистичките податоци покажуваат дека во декември цените на храната и на пијалаците забележале пад од 0,4 проценти.
Дурмиши кажа дека ситуацијата на пазарот се следи секојдневно во соработка со Државниот пазарен инспекторат. Тој вели дека доколку во иднина се забележи енормно зголемување на цените, државата е подготвена да реагира и да преземе соодветни мерки.
Одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, министерот изрази уверување дека трендот на намалување на цените ќе продолжи и во текот на оваа година.
Во текот на минатата година биле спроведени над 20 илјади контроли низ маркетите. Како резултат на овие инспекции, на трговците кои ги зголемувале цените без економска оправданост им биле изречени глоби во вкупен износ од 2,5 милиони евра. Според министерот, сега има поголема контрола на теренот и институциите работат соодветно.



