Центрите за социјална работа ќе издаваат потврди за ослободување од партиципација на лицата со атипичен развој, сѐ до надминување на проблемот кој настана поради електронската размена на податоци меѓу Центрите и Фондот за здравствено осигурување. Родители реагираа дека од почетокот на 2026 децата/лицата со атипичен развој повеќе не се ослободени од плаќање на партиципација за здравствена заштита, дека голем број на родители кои побарале здравствена услуга морале да ја платат, бидејќи некои Центри за социјална грижа не издавале повеќе потврди за ослободување од партиципација.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади одржа координативен состанок со Фондот за здравствено осигурување со цел надминување на проблемот настанат со ослободување од партиципација на корисниците од социјална и детска заштита. Во таа насока се донесе одлука да се издаваат потврди од Центрите за социјална работа за ослободување од партиципација до надминување на проблемот настанот со електронската размена на податоци меѓу двете институции“, ни одговорија од Министерствотото.
Од Фондот претходно за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека проблемот со наплатата на партиципација кај дел од лицата со попреченост од почетокот на 2026 година не произлегува од системите или постапувањето на Фондот, туку е резултат на ненавремено и нецелосно доставување на податоци од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади, односно од системите што се во нивна надлежност.
Согласно воспоставениот електронски модел, центрите за социјална работа изготвуваат електронски потврди за ослободување од партиципација, кои преку Министерството се разменуваат со Фондот по автоматизиран пат. Податоците автоматски се поврзуваат со евиденцијата на Фондот и се прикажуваат на порталот „Мое осигурување“, кој секојдневно го користат здравствените установи и аптеките за проверка на осигурителен статус и евентуални ослободувања од партиципација.
„Во значителен број случаи, податоците од Министерството не се доставуваат навремено, поради што кај дел од осигурениците со попреченост не се појавува информацијата за ослободување, иако тие законски го имаат тоа право. Дополнително, на центрите за социјална работа им било укажано да не издаваат писмени потврди, со што граѓаните останале без било каков доказ за своето право. Фондот за здравствено осигурување континуирано реагира до Министерството, укажувајќи дека ваквата состојба директно ги погодува најранливите категории граѓани и создава сериозни пречки во пристапот до здравствена заштита. По иницијатива на Фондот, како итно и привремено решение, до Министерството беше доставен предлог повторно да се овозможи издавање на писмени потврди од страна на центрите за социјална работа, се додека електронската размена на податоци не профункционира целосно“, ни рекоа од Фондот.
До формализирање на ова решение, Фондот презеде превентивни мерки и ги извести сите подрачни служби, како и јавните и приватни здравствени установи и аптеки, дека доколку осигурениците достават важечка писмена потврда за ослободување од партиципација, истата треба да биде прифатена, со цел да се обезбеди непречен пристап до здравствена заштита и да не се доведат во прашање законските права на лицата со попреченост.
Б. НЕСТОРОСКА



