ЦРНА ГОРА НА 1 ЈАНУАРИ СЕ ПРИКЛУЧУВА НА СЕПА, НАСКОРО ТРЕБА И МАКЕДОНИЈА, ШТО ЌЕ ОВОЗМОЖИ ПОБРЗИ И ПОЕВТИНИ ПЛАЌАЊА ВО ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ

    ЦРНА ГОРА НА 1 ЈАНУАРИ СЕ ПРИКЛУЧУВА НА СЕПА, НАСКОРО ТРЕБА И МАКЕДОНИЈА, ШТО ЌЕ ОВОЗМОЖИ ПОБРЗИ И ПОЕВТИНИ ПЛАЌАЊА ВО ЕВРА НА ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕМакедонија, како и Црна Гора, аплицираше за членство во СЕПА во јули годинава. - Народна банка (архивска фотографија)

    Црна Гора на 1 јануари ќе стане првата земја од Западен Балкан која што се приклучила на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), а наскоро се очекува да се приклучат Македонија и Албанија. 

    Според Герт Јан Купман, генерален директор на директоратот на Европската комисија за проширување, сите земји од Западен Балкан направиле напредок кон членство во СЕПА годинава, а три од нив речиси ја комплетирале задачата.

    Приклучувањето на СЕПА е еден од приоритетите на новито план на ЕУ за раст на Западен Балкан, усвоен минатата година. 

    „Очекувам првата од земјите од Западен Балкан да ѝ се приклучи на СЕПА на 1 јануари 2025 година, имено Црна Гора, а Албанија и Северна Македонија да следуваат набрзо потоа. Србија исто така е заинтересирана, како и Косово и се надевам БиХ дека ќе следуваат не многу подоцна“, кажа Купман пред комитет на Европскиот парламент во Брисел.

    Македонија, како и Црна Гора, аплицираше за членство во СЕПА во јули годинава. Во врска со апликацијата, од Народна банка тогаш рекоа дека членството во СЕПА претставува клучен исчекор за понатамошниот развој и интеграција на домашниот финансиски систем во европскиот економски простор.

    „Членството на земјава во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија, преку обезбедување побрзи, поефикасни  и поевтини плаќања во евра кон и од земјите членки на СЕПА, поедноставување на процедурите, поголема транспарентност и засилена заштита на потрошувачите“, велат од Народна банка.

    Оттаму додаваат дека граѓаните ќе можат поевтино, побргу и поедноставно да примаат и да испраќаат парични средства во евра во земјите од СЕПА, а фирмите ќе можат полесно да се вклучат во прекуграничната трговија со стоки и услуги во земјите од областа на СЕПА, да го прошират својот бизнис и да ја зголемат конкурентноста.

    „Пристапувањето за нив подразбира и пониски надоместоци, како и подобрено управување со паричните текови, имајќи предвид дека трансферите на СЕПА вообичаено се обработуваат во рок од еден работен ден, а кај инстант плаќањата, преносот на паричните средства ќе се извршува за 10 секунди најмногу, во кое било време во текот на денот, односно во рамките на вообичаеното работно време, но и надвор од работното време, како и за викенд и за празници (24 часа седмично). Со пристапот до СЕПА, домашните даватели на платежни услуги ќе добијат можност да бидат учесници во платните системи (платежните шеми) во областа на СЕПА, што ќе обезбеди директни релации со многу странски даватели на платежни услуги и намалување на нивните трошоци коишто произлегуваат од кореспондентното банкарство, а тоа ќе придонесе за побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и за компаниите во земјата“, велат од Народна банка.

    СЕПА брои 36 земји членки, при што покрај  27-те земји членки на Европската Унија, членуваат и 9 европски земји коишто не се во ЕУ (Обединетото Кралство, Норвешка, Швајцарија, Исланд, Андора, Монако, Лихтенштајн, Сан Марино и Ватикан). 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира