ЦВЕТА РИСТОВСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈA ПОРАДИ СОМНЕЖИ ОКОЛУ НЕЈЗИНАТА РАБОТА

    ЦВЕТА РИСТОВСКА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈA ПОРАДИ СОМНЕЖИ ОКОЛУ НЕЈЗИНАТА РАБОТАВеќе две членки од овој состав на ДКСК поднесоа оставки. - Цвета Ристовска и Татјана Димитровска (први од десно кон лево) (Фото: СДК.МК)

    Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата до претседателот на Собранието, Африм Гаши.

    Ристовска во својата оставка наведува дека одлуката ја донела по неколкунеделните јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа во Комисијата. Таа тврди дека во текот на целата професионална кариера работела законито и совесно, а изразува жалење доколку одредени околности или можни административни пропусти довеле до неосновани сомнежи во јавноста.

    Во дописот до Собранието, таа вели дека во сите ситуации каде што постоела можност за потенцијален судир на интереси, барала изземање согласно законот. Ристовска вели дека никогаш немала намера да прикрие информации и дека ги почитувала законските обврски, со став дека секој извршител на јавна функција мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет.

    Минатата година, оставка поднесе и тогашната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира