На денешната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за заменичка-претседател е избрана Цвета Ристовска, позната по тоа што го водеше предметот за фалсификуваната диплома по англиски јазик од Пловдив, поднесена од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Бојан Христовски и по тоа што кажа дека не гледа основ за покренување постапка против него.
Таа на функцијата ќе стапи на 21 август и ќе ја води ДКСК за време на Локалните избори, кога централната власт најмногу ги злоупотребува министерските возила, простории и други ресурси, помагајќи ги кандидатите за градоначалници и советници од својата партија, затоа што за разлика од парламентарните избори, сега нема техничка влада со учество на опозицијата и нема кој да контролира.
- НЕ Е КОНФЛИКТ НА ИНТЕРЕС ТОА ШТО АНТИКОРУПЦИОНЕРКАТА КОЈА ГО ВОДЕШЕ СЛУЧАЈОТ ЗА ДИРЕКТОРОТ НА АНБ БИЛА НАСТАВНИК НА ФАКУЛТЕТОТ ЧИЈА ДИПЛОМА МУ БЕШЕ ОСПОРЕНА СО ПРЕСТАВКА, ВЕЛИ ДКСК
- ДКСК РЕЧЕ ДЕКА ЦВЕТА РИСТОВСКА БЕСПАРИ ПРЕДАВАЛА НА ПРИВАТНИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ЧИЈА ДИПЛОМА МУ БЕШЕ ОСПОРЕНА НА ДИРЕКТОРОТ НА АНБ ХРИСТОВСКИ
Единствен контролен орган ќе биде Антикорупциската комисија, која не само што сега има парен број членови, 6, што ќе биде проблем за гласање по пријави за злоупотреби, туку ќе биде водена и од Ристовска, која била ангажирана како предавач на приватниот факултет на кој Христовски и дузина академски граѓани протрчувајќи го факултетот за една година, успеале да земат дипломи и да водат институции или важни ресори во институции, како што е МВР, на пример.
Доскорешната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање на службена тајна на обвинет во коруптивниот предмет „Адитив“, но и за компјутерски фалсификат, откако беше фатена дека на колега од ДЗР дала логови за да влезе и место неа да положи испит за највисока службена тајна, долго време не си даваше оставка. Си даде дури на 25 јули, две недели пред на 9 август да се распишат Локалните избори. Сега е кусо е времето да се распише оглас и да се избере претседател на ДКСК, односно седмиот нејзин член.
Првиот круг на Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА