Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на македонски јазик ја честиташе ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и ги пофали двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев за успешно завршената мисија.
„Имаа имагинација, преземаа ризик и беа подготвени да ги жртвуваат своите интереси за поголемо добро. Зоран, Алексис – одлично направено! Невозможната мисија е успешно завршена“, напиша Туск на Твитер.
Грчкиот парламент попладнево со 153 гласа „за“ го ратификуваше Договорот од Преспа, со кој се става крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Грција и Македонија и кој, меѓу другото, предвидува новото име на државата да биде Република Северна Македонија.
Со ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент се отвора вратата за наше членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.