Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска поведе истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители на 11 јули го убија припадникот на АРМ Агим Муареми (50) во Батинци. Осомничени се за кривично дело Убиство, согласно член 123 став 2 точка 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ).
„На 11 јули во селото Батинци, осомничените заедно и по претходен договор, со умисла го лишиле од живот сега починатиот Агим Муареми, а притоа го довеле во опасност и животот на неговата ќерка. На наведеното место пристигнале со автомобил ‘опел астра’ со кој управувал вториот осомничен, додека првиот осомничен и уште две засега непознати лица биле сопатници. Со возилото го пресекле патот на автомобилот ‘киа соренто’ во кој биле оштетените. Првоосомничениот со огнено одружје – пиштол испукал пет куршуми кон сега починатиот и неговата керќа, притоа нанесувајќи му на оштетениот две огненострелни рани во градниот кош и заканувајќи се дека ќе им го убие целото семејство. Жртвата успеала да излезе од возилото со цел да спречи убивање или грабнување на неговата ќерка и тргнал кон напаѓачите, на што тие веднаш влегле во нивниот автомобил и избегале. Ќерката повикала роднини кои го пренеле таткото во болница, но тој таму им подлегнал на здобиените повреди“, соопшти Обвинителството.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека денеска до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава по брза постапка против Џ. М. (25) за сторено кривично дело Убиство по член 123 од КЗ и за Б. П. (35) за сторено кривично дело Убиство по член 123 во врска со член 22 од КЗ. Б. П. е лишен од слобода и од судија на претходна постапка му е одредена мерка притвор од 30 дена, додека Џ. М. уште е недостапен за органите на прогон.
Обвинителството соопшти дека потрагата за првиот осомничен продолжува, а јавниот обвинител издава наредби за идентификација и на другите за сега непознати лица инволвирани во настанот, вели Обвинителството.
Според полицискиот билтен, по убиството 20-годишната ќерка на Муареми пријавила дека првоосомниченот Џ.М. се обидел телефонски да контактира со неа, но таа одбила, затоа што во претходниот период Џ. М. ѝ се заканувал затоа што не сакала да се омажи за него. Потоа, таа со татка си со возило се упатиле кон домот во село Батинци, но на влезот на селото, патот им бил попречен од возило од кое излегол Џ. М. и пукал кон Муареми.