Алил Демири, кој вчера беше уапсен од косовската полиција во соработка со нашето МВР по меѓународна потерница, е ослободен.
Така пишуваат косовските медиуми, а во Министерството за правда ни изјавија дека до крајот на работното време, немале никакво официјално известување од косовскиот Основен суд, каде Демири по апсењето бил донесен и ослободен.
Адвокатот на Алил Демири, осуден на доживотен затвор за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Бесник Бериша, синоќа изјавил дека Демири не може да биде екстрадиран во Република Северна Македонија бидејќи барањето на македонските власти е одлучено и одбиено од косовскиот суд, во двата случаја што се водеа од 2012 до 2021 година во Скопје.
Косовските медиуми напишаа дека по приложените докази од одбраната и образложените аргументи дадени на рочиштето на кое било адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапувал предлогот, се повлекол од барањето.
„Алил Демири сега е на слобода“, изјави неговиот адвокат.
Демири е осуден за кривично дело „Тероризам”. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија во Косово.
Екстрадицијата оди преку двете министерства за правда.
За тероризам избеганите на Косово Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, како и Агим Исмаиловиќ кој е тука, во затвор, Судот ги осуди на доживотен затвор за убиството на: Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски и Филип Славковски, на возраст од 18-20 години, како и на рибарот Борче Стевковски.
За организирање на бегството на Алил и Африм на Косово, Фејзи Азири е осуден на вкупна казна од 15 години, зашто стариот закон по кој се водеше овој предмет по вторпат, не дозволува збирната казна да биде над 15 години.
Хаки Азири за превоз на тројцата по убиството (за помагање во тероризам), осуден е на вкупна казна од 9 години затвор.
На сите, во овие казни им се пресметуваат годините што досега ги одлежале, од првата пресуда пред Врховниот суд да ја укине и предметот на крајот на 2017 година да го врати на повторно судење.
Втората и конечна пресуда беше изречена во 2021 година, од сега покојниот судија Огнен Ставрев, а потоа беше потврдена и од Апелациониот суд Скопје.
С. К. ДЕЛЕВСКА