Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово потврди дека кумановецот Енвер Бајрамовски (33), кој прексиноќа го уби 36-годишниот полицаец Горан Станишевски додека се обидувал да го приведе, бил психички болен и повеќепати хоспитализиран.
„Станува збор за лице кое претходно повеќепати било хоспитализирано за психијатриско лекување. Последен пат од Психијатриската болница во Скопје бил пуштен дома на 25 јули 2016 година, на барање на неговиот татко“, стои во соопштението од обвинителството и се додава дека за приведениот напаѓач ќе побараат да се предложи мерка притвор.
Бајрамовски, кој имал здравствени проблеми од својата 12 година и постојано бил на лекување во психијатриската болница во скопско Бардовци, со еден убод од нож го усмрти полицаецот во кумановската населбата Средорек, откако полицијата дошла кај него дома по пријава за семејно насилство. Тој ги нападнал четворицата полицајци, при што го избодел полицаецот Станишевски со нож во грбот. Татко му на Енвер вели дека тој во петокот го однел во болницата Бардовци во Скопје, но лекарите го пуштиле дома како здрав. Следниот ден, во саботата вечерта,тој ги претепал мајка му и сестра му и затоа викнале полиција, по што се случила трагедијата.