УЈП ПОЧНА ДА ГИ ПРОВЕРУВА ПРИЛИВИТЕ ОД СТРАНСТВО НА ГРАЃАНИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА

    УЈП ПОЧНА ДА ГИ ПРОВЕРУВА ПРИЛИВИТЕ ОД СТРАНСТВО НА ГРАЃАНИТЕ ЗА 2021 ГОДИНАОд ланските протести пред УЈП Куманово, за арач од стари приливи на граѓани. (Фото:СДК.МК)

    Управата за јавни приходи во изминатиот период веќе почнала со проверки на податоците што ги има добиено од банките, за приливите од странство на граѓаните остварени во текот на 2021 година.

    По оданочувањето на приливите од 2020 година за кое даночните обврзници жестоко реагираа, oсoбeно оние кои работеле во Ирак и Авганистан, сега даночниците проверуваат за следната година.

    „Во оваа насока, Управата за јавни приходи достави персонализирани известувања до физичките лица – резиденти на Република Северна Македонија за кои располагаше со податоци дека оствариле доход од странство во текот на 2021 година, со повик во одреден рок да ги исполнат законските даночни обврски. Во текот на годината, Управата за јавни приходи во неколку наврати преку медимите и јавно информирање ги повика граѓаните да ги исполнат обврските за изминатите години, воедно беа дадени и насоки и појаснувања, а сега Управата испрати персонализирани известувања со рок за постапување“, кажа денеска УЈП.

    Ако обврските не се исполнат доброволно, Управата за јавни приходи најавува дека ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.

    „Треба да се има во предвид дека не секој доход остварен од странство подлежи на оданочување во Македонија и соодветно не секој граѓанин кој добил порака за остварен доход од странство треба да поднесе е-пдд пресметка. Обврската за пријавување на доходот се однесува на физичките лица кои оствариле доход од странство што подлежи на оданочување согласно ЗДЛД, вклучително и доход по основ на:

    • доход од работа (плата, хонорари, интелектуални услуги, фриленс);
    • доход од закуп, вклучително и доход остварен преку платформи како Airbnb и Booking.com;
    • капитални добивки (продажба на имот, криптовалути, хартии од вредност и друго);
    • доход од капитал (дивиденди, камати и други финансиски приходи);
    • авторски права;
    • добивки од игри на среќа; и
    • други видови доход што подлежат на оданочување согласно законските одредби“, наброја Управата кој доход од странство треба да се пријави.

    Оттаму ги информираат граѓаните и кои приливи од странство не подлежат на оданочување.

    Приливите од странство добиени по основ на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфери преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси не претставуваат автоматски оданочив доход само поради тоа што се примени од странство.

    Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби. Затоа, кога е потребно, физичкото лице треба да располага со соодветни докази за основот на приливот.

    УЈП апелира до сите физички лица кои примиле прилив од странство да ја проверат својата даночна обврска и ако е потребно, навремено да поднесат електронска пресметка на аконтацијата на данокот (е-ППД) и да ја извршат уплатата на утврдениот данок, за да не поднесува барања за прекршочни или даночни постапки против граѓани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира