Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска кажа дека на Еуростандард банка ѝ е укината дозволата за работа и ќе биде побарано од надлежниот суд да биде отворен стечај. На вонредна прес-конференција, Ангеловска-Бежоска рече дека 99,4 отсто од депонентите ќе бидат обесштетени за целиот износ што го имале во банката.
Како што кажа таа, Фондот за осигурување депозити обесштетува до 30.000 евра, а такви се депозитите на околу 136 илјади граѓани во Еуростандард банка. 780 депоненти нема да бидат во целост обесштетени, додаде гувернерката. Вкупно депозитите на физички лица во Еуростандард банка изнесуваат 4,4 милијарди денари.
За граѓаните кои имаат кредити во банката, Ангеловска-Бежоска рече дека тоа не е во нивна надлежност, туку на стечајниот управник, кој ќе биде назначен и таа се надева дека тој ќе води сметка и ќе им излезе во пресрет на граѓаните кои имаат обврска кон банките.
Гувернерката рече дека направиле исклучителни напори да не дојде до затворање на банката, но не успеале да ја стабилизираат. Ангеловска-Бежоска објасни дека банката имала кредитни загуби кои требало да се надоместат со поголеми вложувања, но тие не се реализирале.
М. ИЛИОСКИ