Товарно возило „ивеко дејли-фургон“, сопственост на Армијата на Република Северна Македонија (АРМ) било украдено од автосервис во скопската населба Гази Баба во текот на ноќта меѓу 27 и 28 април, соопшти МВР.
Според пријавата поднесена утрово (28.04.2025) во 08:40 часот во СВР Скопје од С. А., од автосервисот каде што возилото било оставено на поправка, биле украдени и регистарски таблички од патничко возило „мазда“, кое што исто така било донесено на сервис.
Полицијата вели дека се преземаат мерки за пронаоѓање на возилото и табличките и за целосно расчистување на случајот.
Во ноември 2018, од сервис беше украден камион за собирање ѓубре на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“. Полицијата го најде пет месеци по кражбата, оставено на пат во Старо Нагоричане.