Четириесет и шестгодишен скопјанец ноќеска, пред полноќ, е ранет во престрелка на булеварот Партизански одреди, јави агенцијата Мета. Според првичните информации, станува збор за Даниел Т., кој веднаш по инцидентот е пренесен на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде бил опериран.
На пукањето му претходела бркотница со автомобили, која започнала од бензинската на „Макпетрол“ на булеварот Илинден и продолжила на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Даниел Т. кој, според неофицијални информации, бил ранет со неколку куршуми во престрелката, изгубил контрола и се превртел со своето возило „голф 5“ на булеварот Партизански одреди. Тој бил извлечен од возилото и веднаш префрлен во болница, а напаѓачот е во бегство.
Од МВР засега нема официјални информации за инцидентот. Во јавноста се појавија шпекулации дека станува збор за пресметка меѓу криминални банди, но и наводи кои не ја исклучуваат можноста дека синоќешниот инцидент има и политичка заднина.
Неофицијално, Даниел Т. работел како дел од обезбедувањето на СДСМ.
Дојче Веле на македонски јазик пишува оти постојат сомнежи за поврзаност на синоќешниот инцидент со друг настан од 17 април годинава, односно со тепачка во угостителски објект во Трговскиот центар „Буњаковец“, во која учествувале три идентификувани и неколку непознати лица од кои едно, со остар предмет, било прободено во главата. Според неофицијални информации, повредениот Г.К. (41) е главниот телохранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, а во тепачката наводно бил инволвиран некој од браќата Даниел и Дејан Т., познати како „близнаците од Ѓорче“ (општината Ѓорче Петров н.з.).
Агенцијата Мета потсетува дека „Дневник“ на 5 август годинава на насловната страница објави текст со наслов „Криминално-политичкото подземје не мирува“ во кој, се вели: „Скопјанецот Даниел Трајковски, брат близнак на Дејан Трајковски кој е во бегство поради осомниченост за убиство во во обид, од профилот со име Перла Трајковска, упати сериозни закани и најави за рекет од 50 милиони евра до бизнисменот и сопственик на МПМ, Орце Камчев, како и до екс директорот на УБК, Сашо Мијалков“.