УНЕСКО ПРЕДЛОЖИ ОХРИД ДА СЕ СТАВИ НА ЛИСТАТА НА ЗАГРОЗЕНО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО И БАРА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕ

    УНЕСКО ПРЕДЛОЖИ ОХРИД ДА СЕ СТАВИ НА ЛИСТАТА НА ЗАГРОЗЕНО СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО И БАРА УРИВАЊЕ НА ДИВОГРАДБИТЕУНЕСКО препорачува да се направи проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание на заштитеното подрачје и потоа да се срушат сите кои претставуваат опасност за подрачјето. - Нелегалниот хотел во Лагадин (Фото: СДК.МК

    Поради недоволниот напредок до решавањето на проблемите и земајќи ги предвид постојаните закани и големите инфраструктурни и развојни проекти, кои што претставуваат потенцијална опасност, УНЕСКО во најновиот извештај препорачува да го стави Природното и културното наследство на Охридскиот регион на Листата на загрозено светско наследство.

    Во извештајот, кој треба да биде разгледана на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули, УНЕСКО повторно бара од државата:

    • Да воспостави мораториум на какви било урбани трансформации на брегот сè додека не се финализираат и усвојат ефективни законски решенија за заштита и механизми за нивно спроведување.
    • Да се направи проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание на заштитеното подрачје и потоа да се срушат сите кои претставуваат опасност за подрачјето. Строго да се спроведуваат законите и правилниците за да се спречат понатамошни дивоградби.
    • Да се финализира планот за управување со цел да се заштити и одржи заштитеното подрачје и да се предаде предлогот на Комитетот за светско наследство пред да биде усвоен.
    • Да се имплементираат сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.
    • Се бара од државата, во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет на корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација и таа да биде разгледана на конференцијата на Комитетот за светско наследство во 2020 година.
    • Се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави до Комитетот за светско наследство дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.

    УНЕСКО во извештајот со жалење констатира дека малку е направено за имплементација приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.Тие го поздравуваат запирањето на патот преку Галичица и ски центарот на планината, но сметаат дека тоа не е доволно за значително да се намали ранливоста на подрачјето.

    Со жалење забележуваат дека државата не го информира редовно Комитетот за светско наследство за проектите и активностите што се предвидуваат и реализираат во заштитеното подрачје и дека со голема загриженост ја следат најавата за продолжување на оригиналната траса на железничкиот коридор 8, и покрај барањето на Комитетот за алтернативно решение надвор од заштитените подрачја. Исто така, УНЕСКО е загрижен за делот од автопатот од Требеништа до Струга и бара од државата итно да пронајде друго решение за проектот.

    УНЕСКО забележува дека подрачјето останува погодено до несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира