УНИШТЕНИ 110 КИЛОГРАМИ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА ОД БОЛНИЧКИТЕ КУЈНИ НИЗ ЗЕМЈАВА

    УНИШТЕНИ 110 КИЛОГРАМИ НЕБЕЗБЕДНА ХРАНА ОД БОЛНИЧКИТЕ КУЈНИ НИЗ ЗЕМЈАВАДонесени се 15 решенија со наредби за отстранување на констатираните недоследности и изречени се 5 парични казни. (Фото: К. Попов)

    Сто и десет килограми небезбедна храна од кујните во болниците во земјава уништиле инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за време на минатонеделните 43 вонредни инспекциски надзори.

    Од Агенцијата велат дека целта на вонредните контроли во кујните била да утврдат дали кујните се регистрирани како оператори со храна, дали и колку ги исполнуваат општите и посебните барања за хигиена и барањата за безбедност кои се однесуваат на вработените лица во кујните, дали се применуваат правилата за Добра хигиенска пракса и Добра производствена пракса и НАССР процедурите, потеклото на суровини и манипулацијата со храна.

    Со контролите било утврдено дека пет кујни не ја исполниле законската обврска за регистрација како оператори со храна во АХВ, а четири не ги задоволувале техничките барања за безбедност, односно утврдени се оштетувања на просториите каде се подготвува храна. Осум од кујните не ги задоволувале барањата за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, како барања за безбедност на храната.

    „За утврдените недоследности – нехигиена, наталожени маснотии во кујната, неводење на записи, несоодветно одржување на опремата, оштетени ѕидни и подни површини, немање сопствен план за анализа на храна, незавршен курс по хигиена на храна од страна на вработените лица, односно непоседување на сертификати за оваа законска обврска, нерегистрирани оператори со храна и друго, донесени се 15 решенија со наредби за отстранување на констатираните недоследности и изречени се пет парични казни“, соопшти Агенцијата за храна.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира