Сите граѓани да имаат пристап до квалитетна здравствена услуга без оглед на приходот е главната цел на реформите што ги спроведуваме во здравствениот систем во Северна Македонија, со кои треба да се обезбеди универзалната здравствена покриеност, рече министерот за здравство Венко Филипче, во обраќањето на Самитот за универзална здравствена покриеност на 74. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Тој кажа дека приоритет во реформите е токму обезбедување универзална здравствена покриеност со која ќе се намали здравствената нееднаквост во земјата.
Тој рече дека со реформите треба да се обезбеди достапен, квалитетен и на долг рок одржлив здравствен систем, но и да се зајакне сензитивноста и одговорноста на секоја личност за своето здравје и за здравјето на другите.
Филипче рече дека ургентна политичка мерка е зајакнување и интегрирање на службите од примарната здравствена заштита, кои треба да одговорат на променетите здравствени и социјални потреби на луѓето, за да се намалат негативните аспекти.
„Северна Македонија е меѓу првите земји на глобално ниво што ја разгледа својата заложба за примарната здравствена заштита, според Декларацијата на Астана, а тоа го направивме со првиот национален форум за здравствена заштита, што се одржа на 13 февруари годинава. Целта на форумот беше да се иницира јавна дебата за новата визија на земјата дека примарната здравствена заштита е клучен национален приоритет“, рече Филипче.
Тој кажа дека земјата се соочува со многу здравствени предизвици, меѓу кои и притисок врз секундарното и терциерното ниво на здравствена заштита од незаразни болести, како што се кардиоваскуларните болести и дијабетесот, често предизвикани од изборот на животен стил.
„Еден од најголемите предизвици годинава беше епидемијата на мали сипаници. Се соочивме со голем број невакцинирани, особено со вакцината ММР. Овие изминати месеци се боревме со епидемијата и со силни кампањи успеавме бројот на вакцинирани да го зголемиме 80 на 95 отсто“, рече Филипче, кој додаде дека земјата ја поддржува иницијативата на ЕУ и Светската здравствена организација, која почна пред неколку недели во Брисел, дека треба да се даде поголема видливост и влијание на вакцинацијата како најуспешна мерка за одржување на јавното здравје.
Тој кажа дека со соодветен пристап и со имплементација на реформите и во целокупниот здравствен систем преку мултисекторска соработка ќе ја заштити земјата од многу здравствени предизвици и ќе донесе баланс во здравствениот систем, во чиј центар ќе бидат семејствата и заедниците.
„Свесни сме дека имаме уште долг пат, но имаме ветувачки почеток. Мултисекторската соработка треба да продолжи. Но, мора да останеме фокусирани на главната цел, а таа е сите да можат да ја добијат највисоката здравствена грижа и да имаат можност да добијат квалитетна здравствена услуга независно од приходот“, рече Филипче.
Е. БОЧВАРОСКА