УШТЕ НЕМА ЕЛЕКТРОНСКА НАПЛАТА НА ПАТАРИНИТЕ КОН ТЕТОВО И ГОСТИВАР, ОД ДРЖАВНИ ПАТИШТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ ДОГОДИНА

    УШТЕ НЕМА ЕЛЕКТРОНСКА НАПЛАТА НА ПАТАРИНИТЕ КОН ТЕТОВО И ГОСТИВАР, ОД ДРЖАВНИ ПАТИШТА ВЕЛАТ ЌЕ СЕ ВОВЕДЕ ДОГОДИНАНа наплатните станици Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар не може да се плати патарина со М-таг или М-смарт картички туку само со застанување и наплата преку вработено лице на патарината.(Фото: СДК.МК)

    Уште нема електронска наплата на патарина на Коридорот 8. На наплатните станици Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар не може да се плати патарина со М-таг или М-смарт картички туку само со застанување и наплата преку вработено лице на патарината.

    Договорот за воведување на систем за електронска наплата на коридорот 8 со конзорциум составен од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“ од Струмица, Јавното претпријатие за државни патишта го склучи во декември 2020 и рокот за реализација беше две години. Договорот вреден речиси 12,5 милиони евра ја опфаќаше и изградбата на наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци-Штип каде е воведена електронска наплата, како и изградба на наплатната станица „Арбиново“ на автопатот Кичево-Охрид чија изградба е до нигде. Средствата за овој проект се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

    Од Јавното претпријатие Државни патишта велат дека за воведување на електронскиот систем за наплата на останатите наплатни станици во тек е постапка на одобрување на проектна документација врз основа на која треба да се добие решение за реконструкција од Министетрство за транспорт и врски. Проектната документација била во фаза на ревизија.

    „Во тек е модернизација на електронскиот систем за наплата на патарина на наплатните станици и на Коридорот 8 и се очекува во текот на наредната година и таму да се воспостави електронска наплата на патарина со што на сите наплатни станици ќе се воспоставио електронската наплата на патарина“, додаваат од ЈП Државни патишта.

    Електронскиот систем за наплата на патарина беше воведен на Коридорот 10 кон Гевгелија исто така од турскиот конзорциум во јули 2019. За периодот откако е воведена електронската наплата до 31 октомври годинава продадени се над 15.000 тагови, или попрецизно 15.510 М-таг уреди и 125.000 М-смарт картички.

    М-таг уредот чини 1.200 денари и за разлика од други соседни земји каде во таа цена е вклучен и кредит односно средства за плаќање на патарина, кај нас нема односно дополнително треба да се дополни. Од Државни патишта велат дека тоа е така бидејќи цената по која се набавени уредите од турски „Аселсан“ е 1.200 денари.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира