ТРОЈЦА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ВМЕШАНИ ВО НАПАДОТ ВО ВИЕНА, А МЕЃУ ЖРТВИТЕ Е И 21-ГОДИШНИК ПО ПОТЕКЛО ОД МАКЕДОНИЈА

    ТРОЈЦА МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ ВМЕШАНИ ВО НАПАДОТ ВО ВИЕНА, А МЕЃУ ЖРТВИТЕ Е И 21-ГОДИШНИК ПО ПОТЕКЛО ОД МАКЕДОНИЈААвстрија прогласи три дена национална жалост за жртвите на синоќешното пукање (Фото: АПА)

    Македонското МВР потврди дека три лица вмешани во синоќешниот терористички напад во Виена имаат и македонско државјанство. Оттаму додаваат дека сите тројца се родени во Австрија и се двојни државјани.

    Австриската полиција денеска уапси 14 лица, откако извршила претрес на 18 локации во Виена и Санкт Пелтен.

    Четири цивили се убиени во вчерашното пукање во срцето на Виена, што го изврши 20-годишниот Кујтим Фејзулаи, роден во Виена, со потекло од тетовското село Челопек. Фејзулаи имал и австриско и македонско државјанство и министерот за внатрешни работи Карл Нехамер откри дека тој во април 2019 бил осуден на 22 месеци затвор за обидот да замине во Сирија за да се бори на страната на Исламска држава, но бил пуштен на условна слобода во декември, бидејќи се сметал за млад полнолетник и поминал низ процес на дерадикализација.

    Австриските медиуми објавија дека меѓу загинатите минувачи во вчерашниот напад е 21-годишник од Корнојбург, кој исто така имал корени во Македонија, како и германска државјанка.

    Информацијата за предвременото ослободување на Фејзулаи денеска предизвика жестоки реакции во австриската јавност. Министерката за правда Алма Задиќ појасни дека Фејзулаи, кој бил притворен на 12 јануари 2019, законски бил пуштен на условна слобода на 5 декември откако одлежал две третини од казната.

    Од македонското Министерство за внатрешни работи соопштија дека од австриската полиција, преку Европол било доставено барање за соработка и информации околу терористичкиот напад.  Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија).

    „Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“ соопшти МВР.

    Македонските власти соопштија дека има и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц, при што двајцата се договориле да  ја продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира