Откако Управниот суд го поништи изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска поради неправилност во постапката, Уставниот суд останува со 8 судии. Претседателот на Собранието Африм Гаши го известил Уставниот суд за одлуката на Управниот суд. Управниот суд ја донесе одлуката по две години од изборот на Дуковска.
Дуковска е првин избрана во Судскиот совет, а потоа како предлог, изгласана и официјално од Собранието, со 64 гласа „за“, на 10 април 2023. Во Уставниот суд едно место од вкупно 9, припаѓа на судија од редовното судство, предложен од Судскиот совет.
Управниот суд утврдил дека постапката на изборот била неправедна, зашто мнозинството од членовите на Судскиот совет ја предложиле Дуковска до Собранието, веднаш откако ги собрала 8-те гласа што ги бара законот. Понатаму не ги разгледувале следните кандидати. Ниту ги дискутирале, ниту виделе дали има поквалитетни од Дуковска, ниту пак ги гласале за да видат дали некој од другите пријавени можеби ќе добие повеќе гласови од неа.
Дуковска која има 64 години, треба да се врати во Апелациониот суд Скопје откаде што дојде во Уставниот суд, а Судскиот совет да распише нов оглас.
Ова не е кратка процедура, па оттаму битни закони за кои треба полн состав и непарен број за одлучување, како што е Законот за јазиците, ќе се оддолжат со месеци. Токму Дуковска беше судија-известител на предметот за оспорениот Закон за јазици и сега кога конечно требаше да се одлучува за него, таа е разрешена.
Уставниот суд на денешниот состанок одлучи да ја одложи подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците која беше закажана за 19 јуни. Со оглед на тоа што Дуковска е судија-известител за предметот со кој се оспоруваат одредби од Законот за употреба на јазиците, како што велат од Уставен, донесена е одлука за одложување на седницата и постапување по предметот кога Судот ќе биде во полн состав. Дополнително, се наведува дека Судот нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувала и судијката Дуковска бидејќи, како што се додава, согласно член 112 став 2 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Во писменото соопштение, Уставниот суд вели дека постапувањето на сите инволвирани органи како Судскиот совет, Собранието и Управниот суд во случајот со судијката Дуковска предизвикале правен преседан и правна состојба со која не се соочил ниту еден досегашен состав на Судот.
„Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности. Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија. Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд“, соопшти Уставниот суд.
Тужбата ја поднесе судијката Антоанета Димовска, која сега е членка на Судскиот совет. Таа беше кандидатка за уставна судијка, но не дојде на ред да се расправа за неа, штом Дуковска доби мнозинство гласови, Судскиот совет тогаш престана да ги разгледува останатите две кандидатки, од кои едната Димовска.
Управниот суд ја носи одлуката дури по две години, има сомнеж што правеле досега со тужбата против Дуковска и како Управниот и Вишиот управен суд дозволиле непрописно избран уставен судија две години да води предмети, да расправа, да гласа и носи одлуки во највисокиот суд во Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА