УСТАВНИОТ СУДИЈА ФАТМИР СКЕНДЕР БАРА ДА ИМ СЕ ЗАБРАНИ НА СОВЕТНИЦИТЕ КОИ ИМ ГИ РАБОТАТ ПРЕДМЕТИТЕ ДА ИМААТ РАЗЛИЧНО МИСЛЕЊЕ ОД СУДИИТЕ

    УСТАВНИОТ СУДИЈА ФАТМИР СКЕНДЕР БАРА ДА ИМ СЕ ЗАБРАНИ НА СОВЕТНИЦИТЕ КОИ ИМ ГИ РАБОТАТ ПРЕДМЕТИТЕ ДА ИМААТ РАЗЛИЧНО МИСЛЕЊЕ ОД СУДИИТЕУставот забранува цензура. - Од денешната седница на Уставниот суд; Судијата Фатмир Скендер (Фото: К. Попов/Уставен суд)

    Уставниот судија Фатмир Скендер, избран лани, пред почетокот на денешната седница побара на советниците, кои им ги работат всушност предметите на судиите, да им се забрани да имаат спротивно мислење од нив.

    Судијата Скендер бара мислењето на советникот да се градело во насока на мислењето на уставниот судија, чиј предмет го работи советникот. И ако уставниот судија смета дека за предмет треба да има укинувачка, поништувачка или друга одлука, советникот не смее да има различен или спротивен предлог од судијата-известител.

    На ова остро реагираше претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска, која кажа дека дури е во судот, нема да дозволи цензура врз советниците, кои се луѓето кои први ги наоѓаат аргументите, контактираат со институциите, ги читаат законите, анализираат сè што собрале како аргументи и го кажуваат своето мислење, без оглед какви се мислењето и предлогот на судијата.

    Тие имаат право да напишат издвоено мислење ако не се согласуваат со судијата-известител, исто како што имаат право на издвоено мислење уставните судии кога не се усогласуваат со резултатот од колективното гласање.

    „Советниците уживаат углед од постоењето на Уставниот суд. Ние доаѓаме и си одиме, тие остануваат. Вие на овој начин сакате цензура да им ставите. Советниците не се ни записничари, ни ваши амали! Ваква шлаканица во изминатите 69 години немало за советниците од страна на судија!”, реагираше Кацарска.

    Овој суд на стручен колегиум има донесено заклучок, став, слободно да се изнесуваат спротивните аргументи и ставови на советниците.

    Судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу побараа оваа тема да се доврши на колегиум, зашто сега не е ни време ни место. Костадиновски кажа дека има спротивно мислење од колегата Скендер.

    Кацарска тогаш ги праша присутните советници дали некој од нив сака да каже нешто, бидејќи нема да бидат на колегиумот.

    Советничка на судијата Дарко Костадиновски кажа дека многу е тешко советник да сработи предмет, реферат во обратна насока, кога судиите ќе изгласаат во друга насока. Ретка е ситуацијата да не се согласат судијата и советникот, но оти неа од судијата и е дозволено својот став секогаш да го изнесе, ако треба и издвоено мислење да напише.

    „Дајте насока како да се однесуваме кога нашиот став е дијаметрално спротивен на судијата”, побара таа.

    Друга советничка кажа дека се соочила со ваков проблем. Дека судија и рекол: „или ќе го смениш мислење, или не ти го потпишувам рефератот“.

    „Сакам да укажам дека има и други судии кои сакаат да се нахранат со податоци, иако не е нивен предметот, зашто колективно е гласањето. Имав случај, аргументите се други, а судијата-известител вели вака ќе биде и мора да се потпишеш. Тоа се надмина, судијата се согласи и одлуката дури и 9:0 помина. Пишувам, секогаш оди во правец на аргументите на судијата, но наидуваме и на спротивни аргументи од неговите, и тоа мора да го напишеме. Тоа е во интерес на сите судии. Не гледам што има лошо во тоа сите аргументи за еден предмет да видат виделина?”, праша советничката Менка Трајанова.

    Кацарска прочита случај каде колегата Скендер на советничката ѝ дозволил да напише сопствено мислење.

    Судијата Скендер налутен рече дека само бара да му каже Кацарска каде во Уставот и во Деловникот го има правото да пишува издвоено мислење советникот.

    „Мене во пет до 12 да ми се кажува, да ме иритираат и без јас да знам, да ми кажуваат заклучок за спротивно мислење, пред самата седница? Мислам дека беше по нечие сценарио тоа, само не знам кој е режисерот”, се лутеше судијата и праша дали тоа советниците биле уставни судии во сенка.

    „Каде е тој заклучок дека можеле да изнесат издвоено мислење од уставниот судија и да го рушат дигнитетот на судијата?”, продолжи тој.

    Кацарска му одговори: „Јас не можам да ви ги читам сите заклучоци од минатото”.

    Уставот забранува цензура.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира