УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ПОМИНАА НА КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА, ПЛЕНАРНАТА СЕДНИЦА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 18 АВГУСТ

    УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ПОМИНАА НА КОМИСИЈАТА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА, ПЛЕНАРНАТА СЕДНИЦА ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 18 АВГУСТПред Комисијата за уставни прашања, предлогот го образложи премиерот Димитар Ковачевски. (Фото: К. Попов)

    Предлогот за уставни измени денеска помина на собраниската Комисија за уставни прашања, откако „за“ гласаа 10-мина пратеници, а „против“ беа седуммина. Предлогот сега ќе оди на пленарна седница, закажана за 18 август, кога ќе биде потребно двотретинско мнозинство за да се усвои потребата од носење на уставни измени.

    Пред Комисијата, предлогот го образложи премиерот Димитар Ковачевски, кој кажа дека предлогот за вметнување на Бугарите во Уставот, како и на уште неколку етнички заедници е поради зајакнување на правата на заедниците поради усогласување со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

    „Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државноправните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанса за Европа. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска. А дали ќе се случи пак годинава, вие во парламентот ќе одлучите. Европските претставници предупредуваат дека постои ризик од одвојување на Македонија и Албанија ако пред крајот на годината не се усвојат уставните измени. Тоа значи дека тие не се диктат, туку дел од преговарачката рамка со ЕУ“, рече Ковачевски, додавајќи дека ако бидат донесени измените, ќе се отворат големи фондови, кои ќе донесат просперитет за државата.

    На денешната седница на Комисијата, „против“ гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека тие не прифаќаат уставни измени под диктат, притисок и наметнувања и оти тие никогаш нема да ги поддржат, затоа што тоа, според ВМРО-ДПМНЕ е директно кршење на суверенитетот на една земја.

    „Уставни измени под диктат, притисок и наметнувања се невозможни и никогаш нема да ги поддржиме, затоа што тоа е директно кршење на суверенитетот на една земја. Суверенитетот произлегува од народот, а огромно мнозинство од народот над 80 отсто вели ‘не’ на ваков начин на насилство од страна на власта. За жал трагичната вистина видлива и денес пред целата македонска јавност е дека ние имаме глува и слепа власт“, кажа Мицевски.

    Предлогот предвидува интервенција во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава, односно во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира