В ПОНЕДЕЛНИК ПРВ ТЕНДЕР ЗА СОЛАРНИ ПАРКОВИ, ВЛАДАТА НЕМА ДА СЕ МЕША ОД КАДЕ ЌЕ СЕ НАБАВУВА ОПРЕМАТА, РЕЧЕ АНЃУШЕВ

    В ПОНЕДЕЛНИК ПРВ ТЕНДЕР ЗА СОЛАРНИ ПАРКОВИ, ВЛАДАТА НЕМА ДА СЕ МЕША ОД КАДЕ ЌЕ СЕ НАБАВУВА ОПРЕМАТА, РЕЧЕ АНЃУШЕВВицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека очекува на пролет следната година да бидат произведени првите количини струја од овој обновлив извор (Фото: Влада на РСМ)

    Министерството за економија в понеделник ќе распише тендер за доделување локации за изградба на соларни паркови – фотоволтаици, како алтернативен извор на прoизводство на електрична енергија, најави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој рече дека ова е прв тендер за локации за фотоволтаици и дека определиле лоации во Македонски Брод и Свети Николе.

    „Во Македонски Брод се определени локации за поставување фотоволтаици со максимално производство на енергија од 10 мегавати, а во Свети Николе од 25 мегавати. Притоа, водевме грижа да може да конкурираат и големи и мали инвеститори, односно локациите ги поделивме на една од десет мегавати, две од пет мегавати и шест парцели од еден мегават“, рече Анѓушев.

    Тој кажа дека инвеститорите ќе можат сами да одлучат од каде ќе ја набават опремата за фотоволтаици, односно Владата нема да ги ограничува во тоа.

    „Ниту имаме такво право, тие ќе можат сами да одлучат од каде ќе ја набават опремата. Иако во последно време се набавува опремата од неколку големи светски производители, сепак опрема за фотоволтаици се призведува во целиот свет“, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање.

    Тој кажа дека во случајов, државата ќе ги заврши сите админситративни работи за уредување на градежното земјиште, а дека покрај другите критериуми од Законот за јавни набавки, предност при електронската акуција ќе имаат оние инвеститори што ќе понудат понизок премиум. Тој најави дека в понеделник ќе има расправа за тендерот во рамки на европската енергетска асоцијација при Стопанската комора, каде на сите заинтересирани ќе им ги дадат потребните одговори.

    „Со ЕВН постигнавме добра цена за приклучок, некаде меѓу 20.000 и 30.000 евра по инсталиран мегават-час струја, секој да си го знае трошокот на инвестицијата и ризикот за инвестирање на минимум. Инвеститорите ќе имаат слобода да одберат дали произведената електрична енергија ќе ја дадат на слободен пазар, а ако не државата ќе обезбеди овластен откупувач, кој ќе треба да ја откупи нивната произведена струја“, рече Анѓушев.

    Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека тендерот ќе трае два месеца, а инвеститорот ќе треба да изготви еколошки елаборат и основен проект за добивање градежна дозвола и да ја набави потребната опрема.

    „Доколку во исто време ги завршат сите овие работи, очекувам напролет следната година да потече првата струја од фотоволтаици“, рече Анѓушев.

    Тој најави дека за неколку недели ќе распишат и втор тендер, но овојпат на приватно земјиште, каде е планирано да се градат фотоволтаици од 200 мегават-часови. Притоа, сите административни работи инвеститорите сами ќе мора да ги завршат.

    Претставничката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Анка Јана-Јонеску кажа дека ЕБОР дала техничка поддршка за поготовка на законското решение и за подготовка на тендерот. Таа рече дека ги охрабрува сите инвеститори да се вклучат во изградба на соларни паркови.

    „Имајќи ја предвид досегашното искуство на земјата во користење на термалната енергија, државата реши да се сврти кон обновливи извори кон ветерната и сончевата енергија на долг рок. Техничката помош од наша страна беше да се подготви тендерската постапка за да се обезбеди конкурентност: се надевам дека овој прв пилот проект ќе биде добар пример како да ја продолжиме соработката понатаму“, рече Јана Јонеску.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари