ВАНГЕЛОВСКИ БИЛ ВО ГЕВГЕЛИЈА ДА ГО ПОДОБРИ АКМИС СИСТЕМОТ

    ВАНГЕЛОВСКИ БИЛ ВО ГЕВГЕЛИЈА ДА ГО ПОДОБРИ АКМИС СИСТЕМОТИ по шестчасовно чекање на новинарските екипи, делегацијата од Скопје тие вчера не ја виделе како излегува од главниот влез на судот. - Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и Раководителот на служба за информатика на Врховниот суд на Република Македонија вчера во Основниот суд Гевгелија биле во контрола на АКМИС системот во овој суд, соопшти Врховниот суд. Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на АКМИС Системот, велат од Врховниот суд.

    Тој во соопштението на Врховниот суд не споменува дека заедно со него бил и претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.

    Информациите од Гевгелискиот суд беа дека со Вангеловски бил и Караџовски. Караџовски воопшто не ги демантираше медиумите и цитираните извори во Основниот суд Гевгелија дека бил и тој во посетата, а која уследи една недела откако судијка на претходна постапка од овој суд издаде два налога за претрес во истрагата што ја поведе Специјалното обвинителство против Владимир Панчевски. Експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Панчевски, пак, СЈО го сомничи за злоупотреби со АКМИС системот во време кога бил на чело на судот, но и за оддавање службена тајна, докази во постапки.

    И по 6-часовно чекање на новинарските екипи, делегацијата од Скопје тие не ја виделе како излегува од главниот влез на судот. Подоцна им било објаснето дека Гевгелискиот суд има два влеза.

    Вангеловски вели дека по добивањето на извештајот од анализата на функционирањето на АКМИС Системот, ќе бидат донесени соодветни заклучоци, за кои јавноста ќе биде информирана и дека „ваквиот тип на работни посети се планирани во наредниот период во сите судови“.

    „Се работи за вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на АКМИС Системот“, тврди Вангеловски, но и денеска во Основниот суд Гевгелија, чија претседателка Злата Попова и портпаролката на судот, се комплетно недостапни и не може да се дојде до нив, вработени кажуваат друго.

    Судијката што ги потпишала наредбите за претрес во канцеларијата на Панчевски, во неговиот дом и во компјутерот на в.д. претседателот Стојанче Рибарев, и од каде специјалната обвинителка Катица Јанева зела докази за предистражната постапка што ја води против Панчевски, сепак, вчера чувствувала страв и притисок. Вчерашната контрола на АКМИС-от, велат соговорниците, требало да покаже дали по случаен избор се паднало барањето за претрес од Јанева баш кај таа судијка.

    „Ова е невиден притисок, сите сме на нозе во судов. Овој суд е со ниска надлежност, тука се судат кривични дела до 5 години затвор. Никогаш овде не дошло во контрола највисокото раководство на судството“, рекоа вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК вработени во Основниот суд Гевгелија, кои во ненајавените посетители од „горе“, вчера ги препознале Вангеловски и Караџовски.

    Никој не знае зошто највисоките претставници на судството отишле да го контролираат токму овој суд и токму сега, додека трае предистражната постапка на Специјалното обвинителство против Панчевски за оддавање службена тајна и за злоупотреби со АКМИС системот , во врска со истрага што ја отворило СЈО претходно, а била поврзана со прислушуваните разговори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира