ОД УТРЕ ПОЧНУВА ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ПО СЕЛАТА

    ОД УТРЕ ПОЧНУВА ТЕРЕНСКА ВАКЦИНАЦИЈА ПО СЕЛАТАПаралелно со теренската вакцинација, во спортската сала во Медицинското училиште во Битола и натаму продолжува имунизацијата по добиени термини и за оние граѓани кои не се пријавени. (Фото: СДК.МК)

    Од утре почнува теренската вакцинација која ќе се одвива по руралните населени места, соопшти Министерството за здравство. Жителите од селата кои не се имунизираа во изминатите месеци, сега нема да треба да патуваат до вакциналните пунктови во градовите, туку медицинските тимови ќе ги вакцинираат во нивните села.

    „Процесот за теренска вакцинација е организиран, здравствените домови од секој град, во соработка со локалната самоуправа, месните заедници со помош на локални медиуми, плакати, ги информираат граѓаните за денот и часот , во кое село, населба, рурално населено место ќе се врши вакцинација. Секој граѓанин кој сака да се вакцинира со себе треба да има важечки документ за идентификација. Министерството за здравство ги повикува граѓаните да се вакцинираат, сите вакцини кои ги имаме кај нас се безбедни и ефикасни. Сите вакцини спречуваат тешки симптоми или смрт од корона вирусот“, велат од Министерството за здравство.

    Во стотина села во Битолско и околните пелагониски општини од утре, 12 јули, Здравствениот дом од Битола почнува со теренска вакцинација. Подготвен е распоред на селата, утре се почнува со пограничните Породин, Велушина, Лажец, Остец, Граешница, Кишава и Драгош, а следниот ден се опфатени потпелистерските села од страната на Ротино и оние во близина на акумулацијата Стрежево како Лера, Рамна , Српци и други.

    Вакцинацијата предвидено е да се одвива во училиштата претежно од осум часот наутро до два и половина попладне, но сепак во секое село се точно утврдени термините во кои ќе се изведува имунизацијата. На пунктовите можат да се пријават сите жители кои сакаат да се вакцинираат. Вакцинацијата во руралните средини ќе трае половина месец поточно од 27 јули.

    Паралелно со теренската вакцинација, во спортската сала во Медицинското училиште во Битола и натаму продолжува имунизацијата по добиени термини и за оние граѓани кои не се пријавени, а сакаат да се вакцинираат влезот е слободен.

    Последните денови во Битола претежно беа вакцинирани млади лица кои имаа добиено термин. Официјалната стаститика покажува дека досега во Битола се аплицирани 50.000 вакцини, а доколку се земе предвид бројката од 662.372 аплицирани дози до 10 јули во земјава, осум проценти отпаѓаат на дадени дози вакцини во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира