Вештакот на обвинетиот поранешен судија Ѓоко Ристов кому обвинителката за организиран криминал Искра Хаџи Василева му откри и му откопа 350.000 евра во семејната куќа во неготино, на денешното рочиште во Кривичниот суд Скопје, се посомнева во чистотата на доказите-фолии и хартивчиња со кои биле завиткани и пребројани и запишани најдените купишта пари. Според него, клучните докази против Ристов, најдената негова ДНК, се контаминирани од страна на истражителите, од кои едниот бил со скината ракавица.
„Не се забележува дека секоја фолија е фотографирана од сите страни, не се документирани нејзините преклопи, надворешна и внатрешна положба на снопот. Имаме алуминиумски фолии кои не се обележани и ја допираат подната површина која не е форензички заштитена. Кај оштетена ракавица се отвора можност за контаминација. Важно било да се утврди дали ракавиците на полицајците биле заменети и дали имало записник со кој е документирано со кои докази оперирал полицаецот кој имал скината ракавица“, беа забелешките на криминалистот Козарев.
Според него, секоја трага мора да има своја идентификациона ознака. Рече имало алуминиумски фолии што воопшто не се обележани и кои допираат со подната површина во просторијата што не е форензички заштитена.
„На иста картонска површина имало повеќе снопови на банкноти и цели делови на алуминумски фолии. Со тоа се потврдувало дека е компромитиран доказниот синџир. Ова покажува ‘отсуство на сенс и знаење’ “, зборуваше вештакот ангажиран од обвинетиот Ристов.
Тој пак му покажуваше на Козарев слики од пронајдените снопови евра и го прашуваше колку фолии имало надвор од картонската кутија каде се наредени сноповите?
Козарев рече дека пребројал пет. Говореше дека му бил заштитен доказниот материјал и реална била опасноста од внесување и мешање на ДНК.
Обвинителката Хаџи Василева го праша вештакот дали има наобразба од природни и технички науки.
Вештакот Козарев прво одговори дека е криминалист, а потоа дека нема образование од природни науки.
Таа додаде дека тој не вршел вештачење, туку дал заклучоци и мислење за тоа како работеле полицајците.
„Тоа не може да биде предмет на вештачење!”, спореше Хаџи Василева.
Таа прикажа видео како италијанската полиција постапувала при наоѓање пари скриени во ѕид, каде дел од службените лица носат, а дел не носат ракавици.
С. К. ДЕЛЕВСКА



