Се бара локација за изградба на кафилерија каде ќе се горат мрши на животни, како и за гробишта за миленици. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринство (АХВ) Оливер Миланов, во интервју за МИА вели дека се работи на решавање на проблемот со немање гробишта за домашни миленици и до средината на 2026 се очекува да бидат договорени основите и за кафилеријата и за гробиштата за миленици.
Сега милениците по смртта се оставаат од сопствениците на истите депонии каде што се фрла и отпадот.
„Во текот на неделава ќе имаме состанок со Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС). Ќе се бараат локации кои не се населени, надвор од урбаните средини и тоа ќе биде една од темите на состанокот, секоја Општина ако може да има и прифатилиште и гробишта за миленици. Во врска со кафилеријата, од 2019 година се разгледуваше предлогот, но за шест години не се најде соодветна локација. Најпрво беше Лозово, па Росоман, но советниците не дозволуваа поради недоволна едукација на населението. Мислеа дека труповите ќе се горат како во фабрика и дека ќе мириса многу, а всушност, се работи за херметички затворен простор. Сега ќе се оди кон јавно-приватно партнерство. Има и најнов модел како во повеќето европски држави, мобилна кафилерија која овозможува да се земе мршата, да се однесе на точно утврдена место и да се изгори“, вели Миланов.
Миланов вели дека е веќе изготвен законот за здравствена заштита на животните со кој се опфатени и бездомните кучиња.
„Бездомните кучиња се голем проблем. Во Македонија ги има повеќе од 8.000. Мора да го решиме ова. Одржавме многу состаноци со 11 невладини организации меѓу кои и ‘Анима мунди‘ и ‘Лајка‘. Ќе бидат предвидени казни за неодговорно сопствеништво, за водење куче без поводник на јавно место, особено големите раси. Ќе има и неколку трибини за новиот закон со граѓаните и со нашите инспектори од подрачните единици. Ќе бидат вклучени и ловечките друштва. Лично ќе наравам напори законот да се донесе до крајот на оваа или почетокот на идната година“, додава Миланов.



