ВИШ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА ПЕТ СЛУЖБЕНИЧКИ НА КОИ ИМ БИЛ ШЕФ ДЕКА ЌЕ ГИ ФРЛИ ОД ШЕСТИ КАТ И ЌЕ ГИ СТАВИ ВО ПРИТВОР

    ВИШ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛ НА ПЕТ СЛУЖБЕНИЧКИ НА КОИ ИМ БИЛ ШЕФ ДЕКА ЌЕ ГИ ФРЛИ ОД ШЕСТИ КАТ И ЌЕ ГИ СТАВИ ВО ПРИТВОРВо периодот од септември 2023 до 24 октомври 2024, обвинетиот како службено лице виш јавен обвинител се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение против виш јавен обвинител од скопското Вишо јавно обвинителство за кривичните дела Малтретирање во вршење на службата и Злоупотреба на службената положба и овластување.

    Во периодот од септември 2023 до 24 октомври 2024, обвинетиот како службено лице виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени во службените простории и при вршење на службата во текот на работното време, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.

    Како што објави ОЈО Штип, тој користејќи ја неговата службена хиерархиска надреденост, во повеќе наврати грубо им се заканувал дека има моќ и може веднаш да ги избрка од работа, дека „ќе ги дигнел на клоци“, „ќе ги фрлел од шести кат“ и „ќе ги ставел во притвор и под посебни истражни мерки“. Некои од нив ги навредувал дека „му го грделе обвинителството“ и им забранувал да комуницираат меѓусебе и со други вработени.

    „Оштетените, не можејќи да ги поднесат заканите и психичкото насилство, се обратиле писмено до Јавното обвинителство на РСМ, Советот на јавните обвинители на РСМ и до Основното јавно обвинителство Скопје, со барање за преземање итни мерки во врска со постапувањето на обвинетиот и за нивна заштита. Откако обвинетиот дознал за тоа, ги повикал насамо во неговата канцеларија, каде што продолжил со психичкото насилство, принудувајќи ги да напишат писмени изјави дека биле изманипулирани. Притоа им се заканувал дека ќе им поднесе тужби за клевета со барање за отштета од 100.000 евра, велејќи им дека тој може да влијае на сите судии и адвокати, дека имаат деца на кои треба да мислат и дека ќе ги изгубат работните места“, стои во соопштението на ОЈО Штип.

    На 24 октомври 2024, обвинетиот одржал состанок со сите вработени од јавнообвинителската служба, каде што пред сите нив продолжил со психичкиот притисок врз оштетените, ги исмевал и ги понижувал пред останатите. Тој побарал од сите вработени да напишат изјави во кои ќе опишат „каков е тој како шеф“. Како резултат на ваквото понижувачко однесување, една од вработените се разболела и добила анксиозно растројство.

    Со цел да ги заштити постапката и жртвите, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка за определување мерки на претпазливост – обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетените.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира