Потрагата по вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, продолжува веќе втор месец. Опозицијата, Владата и Собранието не успеаја да го донесат ниту на денешната седница за пратенички прашања, иако претходно му беше најавено дека ќе му бидат поставени прашања и дека е задолжително да присуствува.
„Ве молам, потпретседателе, стопирајте ми го времето. Ве молам да го почекаме да влезе во собраниската сала заменикот-претседател на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи. Уредно најавив прашање и ми беше одговорено дека тој ќе дојде за да ми одговори“, рече пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, која побара соодветна реакција од потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на денешната седница.
Милошоски ѝ одговори на колешката дека Фетаи бил уредно известен и поканет да присуствува за да одговори на нејзиното прашање, но дека тој сепак не дошол.
Пратеничката Николова сепак го искористи правото да го постави прашањето до Фетаи, кое всушност е упатено и до Владата, па и до парламентарното мнозинство кое го избрало, а сѐ уште не реагира на тоа што тој со недели не доаѓа на работа, додека на социјалните мрежи се објавуваат фотографии од негови патувања во странство, ниту пак презема чекори за негово разрешување.
„Сакам да прашам колку точно време Арбен Фетаи не оди на работа? Дали тој за тоа време зема плата и кој му ги плаќа патувањата, меѓу кои има и дестинации во егзотични земји, од кои тој самиот споделува слики на социјалните мрежи? Кои се придобивките за Владата и за граѓаните од тие негови патувања и од неодењето на работа? Кои се придобивките од неговото патување во Тајланд, од кое самиот објави слики?“, се само дел од прашањата поставени од пратеничката Николова.
Како по обичај, за темата „Арбен Фетаи“ настана тишина во салата, а Милошоски само додаде: „Пратеничке Николова, со оглед на тоа што вицепремиерот не е присутен, службите писмено ќе ви одговорат на вашите прашања“.
Во април, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека вицепремиерот Арбен Фетаи најавил повлекување од Владата. Според него, Фетаи сака да ја продолжи кариерата во европските институции во Брисел, каде што веќе има искуство. Мицкоски додаде дека неговите контакти можат да се искористат преку евентуален ангажман како специјален пратеник. Фетаи подолг период не присуствувал на владините седници.
С. К. ДЕЛЕВСКА



