„ВИЗЕР“ ЈА ЗАТВОРА БАЗАТА ВО ВИЕНА, НЕИЗВЕСНО ДАЛИ ЌЕ ОСТАНЕ ЛЕТОТ ДО ОХРИД

    „ВИЗЕР“ ЈА ЗАТВОРА БАЗАТА ВО ВИЕНА, НЕИЗВЕСНО ДАЛИ ЌЕ ОСТАНЕ ЛЕТОТ ДО ОХРИДПоследниот лет за кој може да се купи карта од Виена за Охрид е закажан за 14 март 2026. А321 нео на „Визер“ на Охридскиот аердором (Фото: ТАВ Македонија)

    Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ најави дека ќе ја затвори својата база во Виена, Австрија. Процесот на повлекување ќе се одвива постепено, во периодот меѓу октомври 2025 и март 2026 година. Како резултат на оваа одлука, неизвесна е и иднината на авионската линија Охрид-Виена, за која моментно може да се купат билети со последен лет закажан на 14 март 2026.

    Како што објавуваат специјализирани веб сајтови за цивилна авијација, одлуката следува по стратешка анализа на работењето во Австрија, каде што компанијата се соочува со силна конкуренција и зголемени трошоци.

    Повлекувањето ќе започне на 26 октомври 2025, кога „Визер“ ќе повлече два авиони и ќе ги укине линиите до Билбао и лондонскиот аеродром Гетвик. Целосното затворање на базата е предвидено за 15 март 2026, со прекинување на сите останати линии од Виена, меѓу кои е и врската со Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.

    „Визер“ ја отвори својата база во Виена во 2018 година, со амбиција да им конкурира на „Аустриан Ерлајнс“ и „Рајанер“. Првиот лет на релација Охрид-Виена беше реализиран на 17 ноември истата година. Летово „Визер“ леташе за Охрид и до четири пати неделно, со А321-нео, од најновата генерација авиони на „ербас“ стационирани во Виена. Во зимскиот ред на летање заклучно со 14 март се предвидени два лета неделно од Виена за Охрид. 

    „Визер“ во моментов се соочува со финансиски притисок и пад на вредноста на акциите поради зголемените трошоци. Дополнителен проблем претставуваат и долготрајните сервиси на моторите „Прат и Витни“ кои ги користи нивната флота, што доведе до приземјување на голем број авиони низ Европа.

    Во меѓувреме, компанијата најави враќање на две линии од аеродромот во Скопје со државни субвенции.

    Од декември 2025 повторно ќе се лета за Келн, линија што беше укината минатата година поради високите аеродромски такси на германскиот аеродром. Од 6 април 2026 со државна субвенција по едногодишна пауза се враќа и линијата за Будимпешта, која беше прекината на 9 март оваа година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира