Владата одлучи да иницира постапка за разрешување на републичкиот Јавен обвинител Марко Зврлевски.
„Владата донесе одлука, предлогот за разрешување на републичкиот Јавен обвинител поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата, согласно законските одредби, да го достави до Советот на јавни обвинители на Република Македонија и да побара мислење“, се вели во сопштението на владата.
Советот на јавни обвинители е должен во рок од 15 дена да ѝ одговори на Владата дали го прифаќа или не предлогот за разрешување.
На денешната владина седница разрешен е досегашниот директор на Службата за општи и заеднички работи на владата Васе Доневски. За нов директор е именуван Пеце Мирчески.