Владата на вчерашната седница ја дозволи работата на скијачките центри, додека меѓу земјите од Европската Унија кои имаат најразвиен зимски туризам постои поделеност дали тие треба да се отворат среде вториот бран на ширењето на коронавирусот.
Прифаќајќи го мислењето на Комисијата за заразни болести, Владата соопшти дека скијачките центри можат да работат согласно пропишаните мерки за заштита од ковид-19 бидејќи не располагаат со затворени гондоли на жичниците. Според Протоколот за безбедносни мерки за ски центрите, пред билетарниците, жичниците и ски лифтовите ќе мора да се одржува растојание од еден и пол до два метра, а угостителските објекти ќе смеат да работат само на отворено и со прибор за еднократна употреба.
Истовремено, членките на ЕУ не успеаја да се согласат околу (не)отворањето на скијачките центри. Германија, Италија и Франција повикаа сите скијачки центри во ЕУ да останат затворени, додека Австрија и Швајцарија дозволија да се скија.
„Сега не е време за класични скијачки одмори“, изјави премиерот на Баварија, Маркус Зедер.
Пикот на заразата со ковид-19 во Европа се случи токму по враќањето на скијачите дома од скијачките центри во северна Италија и Австрија во февруари и почетокот на март годинава. Жариштето на коронавирусот било токму во дружбите во баровите на скијачките терени, во редиците пред билетарниците и во кабините на жичниците.
На пример, повеќе од 42% жители на австрискиот зимски центар Ишгл се носители на антитела на коронавирусот, што е најголем процент досега пронајден, покажа истражувањето на Универзитетот во Инсбрук. Ишгл стана озлогласен во март откако појавата на коронавирусот во градот помогна тој да се прошири низ цела Европа. Критичарите кажаа дека локалните власти реагирале предоцна, што довело до тоа илјадници туристи заразени да се вратат дома од зимскиот одмор.
Со поддршка од Ангела Меркел, италијанскиот премиер Џузепе Конте кажа дека сите скијачки центри во земјата ќе останат затворени до 10 јануари, додека францускиот премиер Жан Кастекс не им забрани на Французите да одат во планина, но нема да им биде дозволено да скијаат. Тоа го реши на едноставен начин така што ја забрани работата на ски лифтовите. Франција ќе воведе случајни гранични проверки за да се спречи одењето на скијање во соседната Швајцарија.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц смета дека повиците за затворање на ски центрите се претерани и порача дека Австријците ќе може да скијаат. Австриската економија е зависна од зимскиот туризам, кој лани донесол приход од 14,9 милијарди евра. Владата кажа дека ќе бара компензација од две милијарди евра ако Брисел ја принуди да ги затвори скијалиштата.
„Сегашниот предлог има сериозни економски последици по Австрија“, изјави министерот за финансии Гернот Блумел.
Швајцарија е единствената алпска држава која планира да има скијачка сезона без ограничувања, а Шведска, Норвешка и Финска исто така отворија дел од скијачките патеки за странските гости.
„Скијачките центри можат да останат отворени ако стриктно се почитуваат безбедносните мерки, што подразбира носење маска и држење дистанца таму каде што се создаваат редици“, изјави швајцарскиот министер за здравство Ален Берсет.