Секретаријатот за европски прашања доби задолжување од Владата да подготви барање за консултации со Европската комисија по најавата од Унијата за воведување квоти за производи од челик и алуминиум од Македонија. Барањето Секретаријатот треба да го изготви во координација со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.
„Владата го задолжи Секретаријатот да организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари следната година заради усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки“, соопшти Владата.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи пред два дена на брифинг со новинарите кажа дека Европската комисија во петокот упати нота до Македонија со која ја известува за воведување заштитни мерки за извоз на челик и за алуминиум. По надминување на квотата компаниите ќе плаќааѕ 25 отсто царина, а досега не се плаќаше.
„Според новата формулација, просекот на извоз во 2015, 2016, и 2017 година, плус 5 отсто раст, е воведена како заштитна мерка поради тарифите кои САД ги стави кон Европската унија и сега Унијата го заштитува својот пазар. Се што ќе биде над тие проценти, над тие дозволени тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Приближно штетата за македонската економија би изнесувала околу 100 милиони евра годишно“, изјави Османи.
Е. БОЧВАРОСКА