ВЛАДАТА ЌЕ ГО ВРАЌА ВО ЖИВОТ КОМПЛЕКСОТ „МАКЕДОНСКО СЕЛО“ НА ВОДНО КОЈ ШЕСТ ГОДИНИ СКАПУВА

    ВЛАДАТА ЌЕ ГО ВРАЌА ВО ЖИВОТ КОМПЛЕКСОТ „МАКЕДОНСКО СЕЛО“ НА ВОДНО КОЈ ШЕСТ ГОДИНИ СКАПУВАМесецов ќе биде распишан оглас за избор на приватна фирма која ќе го добие под наем комплексот и ќе треба да го заживее. (Фото: СДК.МК)

    Комплексот Македонско село во Горно Нерези напролет повторно ќе биде отворен. Владата до крајот на месецов ќе распише оглас за негово изнајмување на приватна фирма, која ќе отвори угостителски објекти во комплексот и ќе ги изнајмува за ноќевање куќите кои ги претставуваат различните региони во земјава.

    Шеста година комплексот е затворен и не работи, а Владата на СДСМ и ДУИ ништо не направи повторно да го заживее комплексот откако од него се откажа концесионерот, односно фирмите „Тинекс“ и хотел „Квинс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ. Велеа дека ќе го прават стартап село, но тоа не се реализира.

    Сега Владата преку Службата за општи и заеднички (СОЗР)  ја почнува постапката за негово повторно отварање.

    „Комплексот е направен и мора да се грижиме за него. Без разлика дали тој е исплатив или не, не смее да скапува. Направивме увид и затекнавме хаотична ситуација, искршени клупи, оштетени кровови и фасади, електричните возила не работат. За среќа,о внатрешноста на куќите нема поголеми оштетувања. Во моментов Бирото за проценка врши проценка на објектот и штом ги добиеме тие податоци, а тоа очекуваме да биде до крајот на неделава, ќе го објавиме огласот за избор на фирма која ќе го добие под наем комплексот“, вели Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

    Во моментов Бирото за проценка прави проценка на комплексот. (Фото: СДК.МК)

    Томовски вели дека има заинтересирани фирми и изборот ќе се врши преку електронско наддавање. Објектот ќе се изнајми најмалку на 10 години, за да им се исплати на заинтересираните фирми да вложат во негово обновување.

    „Очекуваме комплексот да биде повторно отворен на 1 мај. Сакаме на идниот закупец да му оставиме време да ги среди проблемите кои се направени изминативе години. За тоа ќе бидат потребни најмалку 200.000 евра“, додава Томовски.

    Томовски вели дека СОЗР редовно ги плаќа обврските за осигурување и обезбедување на објектот, а тоа што не работи 6 години изгубени се 350.000 евра и секако дополнителна штета е направена со тоа што има уништувања и треба да се санира.

    Изградбата на Македонско село почна во 2011, во времето на премиерот Никола Груевски, а беше официјално пуштено во употреба на 22 јуни 2016. Има 12 двокатни куќи. Секоја од нив претставува различен регион од Македонија. На долниот кат од куќите, според проектот, треба да се претстават различните занаети карактеристични за регионите, а горните катови да функционираат како хотел.

    Според официјалните податоци, Владата во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра. Дополнителни 1,3 милиони евра беа потрошени за внатрешно уредување. Трите електромобили набавени за пренесување на куферите на гостите во селото чинеа 24.000 евра, 4.200 евра чинеа патоказите и ознаките за комплексот, а  2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

    Хотел „Квинс“ и „Тинекс“ на ексградоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ, во јануари 2016 го добија под концесија од 20 години за месечна кирија од 3.500 евра. Во октомври 2018, престанаа со работа бидејќи, како што соопштија, работеле со загуба и дека таква опција имале во договорот.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира