Владата ќе прави кампања за купување домашни земјоделски прозводи, со која како што вели, ќе се поттикне растот на домашната економија. Колку ќе чини кампањата, од Владата не кажуваат.
„Кампањата ‘Купувај домашни земјоделски производи‘ за промоција на домашното земјоделско производство е во завршна фаза. Сите детали за оваа кампања којашто е со огромна важност за македонските граѓани, земјоделци и преработувачи на храна, како и повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на Министерството и на Владата со кампањата е да се поттикне растот на домашната економија со што директно ќе се влијае врз зголемувањето на потрошувачката на земјоделските производи кои ги произведуваат македонските земјоделци. Секој производ кој е произведен во Македонија ќе е обележан и лесно препознатлив, кампањата треба да ја крене свесноста кај граѓаните, да ја зголеми побарувачката на македонските производи на пазарот, со што ќе се влијае и на зголемување на земјоделското производство во Македонија“, ни одговорија од Владата, но не добвиме одговор на прашањето колку ќе чини кампањата.
Со кампањата се предвидува секој производ да биде обележан дали е произведен во Македонија или е увезен од друга земја.
„Со ова не само што ќе се зголеми побарувачката на пазарот, туку ќе се зголеми и земјоделското производство. Ако претходно имавме состојба каде што се напуштаа нивите, сега ќе ги поттикнеме земјоделците со својот труд да се вратат на полињата. Наша основна цел е Македонија да ја направиме земјоделски независна држава“, соопштија од Владата.
А. АНТЕВСКА