Владата планираше да наплати 80 милиони евра со солидарниот данок, но досега собрани се 36 милиони евра, според податоците што денеска ги презентираше директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.
Според проценките на Владата, како што кажа премиерот Димитар Ковачевски на 3 февруари кога се подготвуваше законот за еднократната давачка, требаше да бидат опфатени 200 компании, за тие да се намалат на 150, од кои заклучно со денеска, данокот го платиле 98.
„Околу 200 компании кои оствариле над 10 милиони евра приход ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност, а сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра“, рече тогаш Ковачевски.
Лукаревска денеска кажа дека компаниите кои не платиле солидарен данок ќе добијат писмена опомена на 6 ноември, а ако во меѓувреме не го платат данок, ќе им биде блокирана сметката на 24 ноември.
На денешната прес-конференција, директорката на УЈП рече дека заклучно со денеска се уплатени 2.210.108.927 денари по основ на солидарен данок, од страна на 98 даночни обврзници од вкупно 150 кои се опфатени со еднократниот данок.
Законот за данок на солидарност беше донесен од Собранието на 19 септември и ги опфаќа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 10 милиони евра и профит поголем за 20 отсто од просекот во претходните три години и тој износ се оданочува со стапка од 30 отсто. Стопанската комора на Северна Македонија пред Уставниот суд на 13 октомври поднесе иницијатива за оспорување на данокот.