Премиерот Христијан Мицкоски и министерите од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, со авион на турската компанија „Фрибрд ерлајнс“ заминаа во Будимпешта на заедничката владина седница со владата на Виктор Орбан. Оваа турска компанија ги реализира чартер летовите на странските туристи за посета на земјава, кои ги организира германската компанија „РСД“.
Овој проект на прес-конференција го најави премиерот Мицкоски во октомври минатата година и кажа дека со него ќе се зголеми бројот на туристи во земјава.
Првиот авион со туристи на германската агенција „РСД“ слета на 16 февруари годинава и речиси секој ден има летови од разични германски градови, како и од Франција и Велика Британија.
Со оглед дека нема редовна линија од Скопје до Будимпешта на „Фрибрд ерлајнс“, САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Владата како бил организиран летот, дали бил изнајмен авионот за владината делегација, колку членови брои таа и колку чинел чартерот.
Од Владата на нашето прашање одговорија дека биле купени авионски карти.
„Владината делегација замина со лет кој го организираше Владата преку Генерален секретаријат, поточно платени се само авионски карти преку ангажирана туристичка агенција за тоа“, ни одговорија од Владата.
На нашето дополнително прашање која туристичка агенција е ангажирана за тоа, колу чинел билетот и колку билети се купени, не добивме одговор до објавувањето на текстот.
Според податоците од специјализираната веб страна за следење на авиосообраќајот „флајтрадар“, авион на „Фрибрд“ речиси секој ден ноќева на Скопскиот аеродром. Компанијата има база во Анталија и токму авионот „ербас А320“, со кој леташе владината делегација во која имаше и новинари од неколку медиуми, прво слета во Скопје од таму, па во понеделникот околу 13 часот полета за Будимпешта.
„Фрибрд ерлајнс“ е сопственост на турски холдинг и има регистрирано подружници во Турција и Малта, авионите најчесто ги изнајмуваат туристичките агенции за чартер летови. Владината делегација леташе со „ербас А320“ регистриран во Малта. Капацитетот на овој авион е 180 патници, а конфигурацијата е таква што сите седишта се од економска класа.
На 16 февруари, на Скопскиот аеродром слета првиот чартер лет на „Фрибрд ерлајнс“ со туристи од Германија. Како што беше кажано на прес-конференцијата по повод првиот лет, авиокомпанијата ангажирана од македонски и германски туроператори, во соработка со Владата, ќе лета до скопскиот аеродром секој ден од февруари до јуни и од октомври до декември.
Ќе бидат организирани чартери од германските градови Франкфурт, Диселдорф, Хамбург, Хановер, Берлин, Минхен, Штутгарт и Лајпциг, како и од Париз, Лион и Марсеј.
Турите ги организира германската компанија „РСД“. Според податоците од веб страницата на германскиот туроператор, станува збор за неколкудневни организирани тури со прошетки низ Балканот, најмногу во Косово, Албанија и Црна Гора, во турата е вклучен и Охрид, а Скопје ќе им биде почетна и крајна дестинација.
А. АНТЕВСКА