ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ ОСУДЕН НА 8 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НЕЗАКОНСКИ ТЕНДЕР ЗА ПРЕВОЗ НА БИТОЛСКИ ОСНОВЦИ И СРЕДНОШКОЛЦИ

    ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ ОСУДЕН НА 8 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НЕЗАКОНСКИ ТЕНДЕР ЗА ПРЕВОЗ НА БИТОЛСКИ ОСНОВЦИ И СРЕДНОШКОЛЦИОпштината на компаниите кои го вршеле превозот им исплаќала надминати суми од договорите од ионака незаконската јавна набавка, а кои транспортерите сами си ги додавале. - Судијката Добрила Кацарска (Фото: МИА/принтскрин)

    Поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески за злоупотреба на службената положба и овластувањата со превоз на ученици во средните и основните училишта на територијата на општина Битола, осуден е на казна затвор од 8 години. Претседателката на судискиот совет Добрила Кацарска во Основниот суд Скопје 1, второобвинетиот Слободан Бончановски од општина Битола го осуди на затворска казна во траење од 6 години.

    Кацарска ги осуди меѓу две и три години затвор 11 – мина обвинети сопственици и управители на транспортните компании кои го вршеле транспортот по две противзаконски набавки на градоначалникот Талески. На осуммина директори на средни и основни училишта, професори и наставници по професија, Кацарска им изрече условни затворски казни од 2 години, ако го повторат кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата во следните 5, а за некои од обвинетите, во следните 4 години.

    Пресудите не се правосилни, странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје.

    Владимир Талески распишал и спровел незаконска набавка за превоз на ученици, без утврдени средства за нејзина реализација, но и во основа недозволена, зашто општината Битола не спроведува превоз на ученици. Тендерот бил распишан во 2009 година, само врз основа на негова одлука.

    На таквата јавна набавка, добиле 4 транспортни компании, кои потоа склучиле договори со обвинетите директори на училишта на територијата на општина Битола. Обвинетите директори ги примале фактурите од транспортните фирми, иако тие ги поминувале утврдените суми. Тука општината им исплатила вкупно 17.800.000 денари со се позајмиците што им ги дала од пари на граѓаните, за надминатата вредност над договорите.

    Се работи за превоз на ученици од 8 училишта.

    Во 2010 година Талески распишал иста таква незаконска набавка и ја повторил незаконската постапка. И во овој случај имало надминати суми. Директорите (професори и наставници во основни и средни училишта), иако знаеле дека за дел од превозот нема групна набавка, склучувале договори. Ги препраќале до општината, а таа ги исплаќала надминатите суми без броеви на фактурите, зашто на листовите фактури имало празно место кај број.

    Вкупно 15.753.955 денари стекнале имотна корист транспортните фирми.

    Кацарска ги задолжи компаниите да вратат во буџетот 34 милиони денари.

    Никој од обвинетите не дојдоа во Основниот суд Скопје 1 да ја слушнат пресудата. Сите се од Битола.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира