Буџетскиот дефицит во Македонија годинава ќе биде 3 отсто од БДП, а економскиот раст 1,5 отсто, стои во редовниот економски извештај на Светската банка за Западен Балкан. Падот на економскиот раст во земјава, според Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка за Македонија и Косово, се должи пред сè на политичката криза во земјава, но дека нивните проекции за следните две години е дека економскиот раст ќе биде 3,5 отсто.
„Оваа година буџетскиот дефицит ќе биде 3 отсто поради големи капитални и тековни трошења. За наредната година главниот ризик за економијата е поврзан со фискалната страна, затоа е битно макроекономската страна да остане стабилна. Потребно е владата да создаде фискални бафери, кои ќе ја заштитат економијата од евентуални нови потреси“, рече Мантованели.
Бојан Шимбов, виш економист од канцеларијата на Светска банка во Македонија, на денешната презентација на извештајот рече дека буџетскиот дефицит се должи на зголемени трошоци за пензии, субвенции, социјална помош и во здравството.
„Заврши политичката криза и очекуваме економијата да се стабилизира. Најголемо влијание на намалувањето на растот има намалувањето на трошењата во градежниот сектор, кој претходните години беше главен двигател на растот. Ако се изземе овој момент економијата ќе биде на ниво или блиску до рецесија, и тоа се случи годинава, со прекинот на изградбата на автопатите кон Албанија и Бугарија“, рече Шимбов.
Тој кажа дека годинава е забележан пад на невработеноста, особено кај најсиромашното население, но дека место за опуштање нема, бидејќи Македонија сѐ уште има највисока стапка на невработеност во регионот на Западен Балкан, која изнесува 22, 8 отсто во првата половина од годината. Невработеноста и натаму е голема кај младите и изнесува 46 отсто, а долгорочната невработеност е на ниво од 81 процент.
„Последните три години, односно 2015, 2016 и 2017 година зголемувањето на бројот на вработени се должи на вработувања со активни мерки, каде државата ги стимулира работодавците со тоа што се ослободени од плаќање придонеси. Тоа го зголеми притисокот врз Пензискиот фонд и врз Фондот за здравствено осигурување. Наша препорака е подобро таргетирање при поделбата на социјалната помош и стимулативните мерки за вработување, односно тие да не создаваат дополнителен фискален притисок“, рече Шимбов.
Тој кажа дека Владата пред да премине на зголемување на даноците, прво треба да ја зголеми ефикасноста во нивното собирање и дека во тек е токму ваква анализа.
Барбара Куња виш економист од канцеларијата на Светска Банка, кажа дека во финансиски ограничено опкружување Владата да ги фокуситра социјалните трансфери и активните мерки на оние на кои им се најпотребни, за да бидат поефикасни.
„Секој потрошен денар се брои и нашата препорака до Владата е тие трошења да бидат ефикасни“, рече Куња.