ВЛАСТА ПРЕДЛОЖИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗА ДА НЕМА ВОНРЕДНИ ИЗБОРИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО АЕРОДРОМ, ГОСТИВАР И САРАЈ

    ВЛАСТА ПРЕДЛОЖИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗА ДА НЕМА ВОНРЕДНИ ИЗБОРИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО АЕРОДРОМ, ГОСТИВАР И САРАЈСо измените актуелните в. д. градоначалници ќе бидат на функција до редовните локални избори во октомври догодина. (Фото: СДК.МК)

    Измените на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се избегнат вонредни избори за градоначалници во три општини, се доставени до Собранието и ќе се разгледуваат на седницата в среда. Предлог-измените на Законот, чии предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Горан Карапејовски, овозможуваат актуелните в. д. градоначалници да го истераат мандатот до редовните локални избори во октомври 2025.

    Во моментов в. д. градоначалник има во три општини и тоа во Аеродром, чиј градоначалник Тимчо Муцунски стана министер за надворешни работи, во Гостивар, откако Арбен Таравари стана министер за здравство и во Општина Сарај, каде што градоначалникот Блерим Беџити стана пратеник во Собранието.

    „Членот 4 уредува преодно решение за постапка за распишување нови избори за градоначалник по сила на закон до одржување на првите редовни избори за членовите на советите на општините и Советот на Град Скопје и за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје по влегувањето во сила на овој закон. Имајќи предвид дека до распишувањето на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од најдобриот интерес на граѓанинот, начелото на економичност и економската состојба во државата, со предложените законски решенија ќе се постигне целта заради која е предложен овој предлог-закон“, стои во образложението за измените на Законот за локална самоуправа.

    За да поминат овие измени, потребни се двотретинско и Бадентерово мнозинство. Доколку не поминат, тогаш до крајот на годинава во овие три општини треба да има избори за градоначалници, бидејќи тогаш им истекува шестмесечниот мандат на в. д. градоначалниците. Градоначалниците кои би биле избрани ќе имаат мандат само до наредните редовни локални избори, односно до октомври догодина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира