Долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев реши да работи во реалниот сектор, отворајќи сопствена фирма. Преку објава на Инстаграм, тој кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.
„Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша Ѓорчев на социјалната мрежа.
Ѓорчев е член на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 година, а веќе следната година беше избран за член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и за член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. За член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е именуван во 2004 година. Првпат за пратеник во Собранието е избран на изборите во 2006 година, а последен мандат му беше 2016-2020.