ВМРО-ДПМНЕ ЕМ БАРА ДА ГО ВИДИ ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“, ЕМ НЕ ОДИ НА КООРДИНАЦИЈА ДА ОДРЕДИ МЕСТО, ВРЕМЕ И СОБРАНИСКО ТЕЛО ШТО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА

    ВМРО-ДПМНЕ ЕМ БАРА ДА ГО ВИДИ ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“, ЕМ НЕ ОДИ НА КООРДИНАЦИЈА ДА ОДРЕДИ МЕСТО, ВРЕМЕ И СОБРАНИСКО ТЕЛО ШТО ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВА„Дајте ни го Договорот на сите пратеници и покријте ги класифицираните податоци“, нуди можеби компромис ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара преку своите пратеници што имаат безбедносен сертификат да ги види класифицираните податоци и содржина во Договорот на Владата со американската компанија „Бехтел и Енка“, утринава не присуствувала на координација кај спикерот Талат Џафери.

    „Бирајте комисија и работно тело на кое сертифицираните пратеници сите заедно ќе го гледаат Договорот“, велат од СДСМ.

    „Не одиме за да ни го раскажете Договорот, бараме на колегите со безбедносен сертификат да им се даде во раце оригиналот, а нам останатите што не сме сертифицирани, целиот Договор на 500 станици, со покриена содржина кај што е класифицирана. Дури потоа може да одиме на седница“, вели опозицијата.

    „Нашиот став на координација е пратениците на ВМРО ДПМНЕ да одлучат каде сакаат (на која комисија сакаат) и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат тоа да биде побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата“, вели СДСМ.

    „Дајте ни го Договорот на сите пратеници и покријте ги класифицираните податоци“, можеби  нуди компромис ВМРО-ДПМНЕ.

    Претседателот Џафери ги потсети пратениците од опозицијата дека иницијативата за разгледување е нивна. Повика опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот.

    „Една од точките на дневниот ред на денешната координација на која не беше ВМРО-ДПМНЕ, беше и претставувањето на Договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д пред пратениците во Собранието. Со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на Договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа Договорот“, соопшти кабинетот на Џафери.

    Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста, најави собранискиот спикер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира