ВМРО-ДПМНЕ МАНИПУЛИРА ЗА ДА ЈА СПРЕЧИ ПРЕСУДАТА ЗА ГРУЕВСКИ ЗА „КОСМОС“, ТОЈ СЛУЧАЈ НЕМА ВРСКА СО „РЕКЕТ“, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛОТ РУСТЕМИ

    ВМРО-ДПМНЕ МАНИПУЛИРА ЗА ДА ЈА СПРЕЧИ ПРЕСУДАТА ЗА ГРУЕВСКИ ЗА „КОСМОС“, ТОЈ СЛУЧАЈ НЕМА ВРСКА СО „РЕКЕТ“, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛОТ РУСТЕМИОткако во 2017 година првин редовното обвинителство се обидело да го блокира поднесувањето обвинение за ТНТ кај што е обвинет Никола Груевски, сега сака да ја попречи пресудата за овој предмет на СЈО кој е на самиот крај, вели обвинителот Бурим Рустеми (Фото: СДК.МК)

    По денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која се тврдеше дека Катица Јанева изрекетирала обвинет за нелегална градба на „Космос“ за да му го повлече обвинението, обвинителот од СЈО на предметот „ТНТ“ Бурим Рустеми реагираше дека партијата спинува за да ја спречи овојпат пресудата за одмаздничкото уривање на објектот.

    „Откако беше преземен во надлежност на СЈО предметот за ‘Космос’ и отворена истрага за предметот ‘ТНТ’, Скопското јавно обвинителство, место да ни ја препрати на надлежност кривичната пријава против Ардиан Амзоски поднесена во 2011 за наводно изградена дивоградба ’Космос‘, после 7 години поднесува обвинение против него, наводно за бесправна градба во ’Космос‘. Ова беше сторено со цел да се дискредитира истрагата и обвинението за предметот ‘ТНТ’, со тоа што Ардиан Амзовски, кој е оштетен во ТНТ, ќе станеше обвинет во другото обвинителство, за ист кривично-правен настан. Најверојатно сакале да ја бранат теоријата дека штом има обвинение против Ардиан за дивоградбата, не може да постои злоупотреба при уривањето на објектот“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК обвинителот Рустеми.

    Надлежност на предметот од ОЈО во СЈО беше преземена на 12 ноември 2015, истрагата ‘ТНТ’ е отворена на 16 април 2016, а обвинението беше поднесено на 29 јуни 2017, пред истекот на рокот од 18 месеци што го имаше СЈО за поднесување обвиненија.

    Во ‘ТНТ’, за уривање на „Космос“ од политичка одмазда кон Цаноски како претседател на ПЕИ, кој ја раскина коалицијата со Никола Груевски, обвинети се Груевски како нарачател, потоа Миле Јанакиески, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и вработени во општината.

    „По поднесеното обвинение воспоставивме надлежност врз предметот и го повлековме обвинението зашто немаше докази дека го сторил кривичното дело. Амзоски е изведувачот на градбата на ‘Космос’ и тој во ‘ТНТ’ е оштетена странка, исто како Фијат Цаноски и тој отпочеток, од 2011 година, поседува непрекинато одобрение за градење на ’Космос‘. Одговорно тврдам дека повлекувањето не може да има поврзаност со моменталните сомневања за дејствија што се предмет на истрага во ’Рекет‘, туку со наведената цел“, тврди Рустеми.

    „Има отворен сомнеж за платен рекет од 260.000 евра од страна на Ардиан Амзоски на хуманитарната фондација на Боки 13, а најверојатно за возврат Катица Јанева најпрвин преземала надлежност врз обвинение од основното јавно обвинителство, а потоа истото тоа обвинение, односно обвинителен акт го повлекла во една кривична постапка која се водела против истиот Ардиан Амзоски“, рече на денешниот прес портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Диме Арсовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира