Нема договор за министер за внатрешни работи во техничката влада, која што треба да биде избрана на 3 јануари, 100 дена пред изборите. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од предлогот Драган Ковачки да биде на чело на МВР, додека од СДСМ побараа нов кандидат, бидејќи предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот, повикувајќи се на членот 97, кој гласи:
„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години.“
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е полковник во АРМ. Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски денеска се огласи преку Фејсбук да каже дека останува на предлогот, како врвен професионалец без ниту една дамка во кариерата, без да го именува. Партискиот портпарол Наум Стоилковски, пак, рече дека нема да влегува во уставни толкувања и не треба да се кочи професионалец.
„Нема да влезам во уставни толкувања. Поставен е предлог. Тоа што бараме и тоа што повикуваме е да не се одложуваат работите, да не се кочи професионалец, предлог кој што би требало да влезе на местото технички министер во Министерството за внатрешни работи“, рече Стоилковски.