ВМРО-ДПМНЕ НЕ САКА ДА СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВО, ЗАШТО НЕ ЗНААТ ОД АПРИЛ КОЈ ЌЕ БИДЕ ОПОЗИЦИЈА

    ВМРО-ДПМНЕ НЕ САКА ДА СЕ ДОНЕСЕ ЗАКОНОТ ЗА ОБВИНИТЕЛСТВО, ЗАШТО НЕ ЗНААТ ОД АПРИЛ КОЈ ЌЕ БИДЕ ОПОЗИЦИЈАНа ВМРО-ДПМНЕ им смета, како што вели Антонијо Милошоски, обидот да се вдомат обвинителите од СЈО во обвинителството на Вилма Русковска. - Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска на судење за „Рекет“ (Фото: СДК.МК)

    Иако лидерот на СДСМ Зоран Заев покажува иницијатива за обезбедување двотретинско мнозинство, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вели дека сака модерен закон за Јавно обвинителство кој ќе обезбеди непристрасно гонење на криминалот и справување со корупцијата, сепак, се нема вистинска намера тој да се донесе пред избори, брифираат извори за САКАМДАКАЖАМ.МК од двете партии.

    ВМРО-ДПМНЕ, како и сите, не знае по изборите кој ќе биде во опозиција, па не може да го застапува главното нејзино барање шефот на Обвинителството за организиран криминал да биде биран во Собрание на предлог на опозиционата партија, зашто така би се прогласила предвреме за губитник на изборите во април.

    Во СДСМ постојано повторуваат дека болката на соработниците и поддржувачите на избеганиот Никола Груевски и на Мицкоски, кои ги водат преговорите за законот, се предметите на СЈО и секако тимот кој се префрли во државното обвинителство. Спасот се гледаше во договор со ВМРО-ДПМНЕ, според кој шефот на ОЈО за организиран криминал кај што ќе се работат најкрупните истраги за корупција поведени од СЈО, ќе го предлага опозицијата и тој ќе одлучи за судбината на овие истраги.

    Сега преговарачите од ВМРО-ДПМНЕ за пред јавноста измислуваат други причини и забелешки за последниот предлог-закон, кој Министерството за правда им го подели на пратениците, велат од владејачкиот СДСМ.

    Од друга страна, лидерот на СДСМ Зоран Заев знаејќи дека како и досега нема договор со ВМРО-ДПМНЕ  за законот, и како и досега не може да обезбеди двотретинско мнозинство, во слободното време што го има откако не е веќе премиер на јавноста ѝ кажува дека е во интензивни преговори за обезбедување на гласови за носење на законот.

    Како што потврдува Антонијо Милошоски, непремостливо нешто за ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува обидот, според него, со последната верзија на законот „да се вдомат обвинителите од СЈО кои земале незаконски додатоци на платата во обвинителството на Вилма Русковска, која сега е замена за Катица Јанева“.

    Министерката за правда Рената Дескоска повеќе пати кажа дека ни таа, ни владејачкиот СДСМ, ниту Европската комисија и Венециската Комисија, а ни обвинителската фела, нема да дозволат политички партии да бираат обвинители во Парламент, место Советот на јавни обвинители. Останува само Државниот обвинител да биде биран и разрешуван во Собранието, како што е во повеќе западноевропски држави. И со најновиот Предлог-закон, шефот на Организиран криминал го бира Советот на јавни обвинители.

    Носењето на нов Закон за Јавно обвинителство се актуелизираше по посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на 15 јануари, откако тој кажа дека ако сегашниот парламент го усвои законот, тоа ќе биде добра порака за земјите членки на ЕУ пред одлуката за датум за почеток на пристапните преговори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира