Министерката за правда Рената Дескоска кажа дека дискреционо право е на ВМРО-ДПМНЕ да си избере кој ќе ги претставува на преговорите за Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО, одговарајќи на новинарско прашање пред конференцијата „Заедничка заложба за подобри достигнувања во судството“. Во преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ е пратеникот Антонијо Милошоски, осомничен во истрагата на СЈО „Моќник“.
„Секоја пратеничка група и секоја партија си го составува преговарачкиот тим. Нивната оценка кој ќе ги застапува најдобро нивните интереси можете ја видите од составот на тимот и секако тоа праќа порака кои позиции ќе им бидат приоритетни во преговорите, но нивно дискреционо право е да си го состават тимот“, кажа Дескоска, пред денешната нова рунда преговори за СЈО.
Таа рече и дека ако ВМРО-ДПМНЕ не отстапи од своите позиции, не очекува напредок во преговорите за законот за кој е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
„Зависи со каков мандат ќе дојдат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ: Ако се спремни да ги почитуваат стандардите на ЕУ и препораките на меѓународната заедница тогаш има шанса да мрднат. Доколку останат закопани во своите ровови не гледам надеж дека нешто посебно би се случило“, вели Дескоска.