ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО ЗА ИМЕТО, МУ ПИША ПЕШЕВСКИ НА ИДНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТА

    ВМРО-ДПМНЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ДЕЛ ОД РЕШЕНИЕТО ЗА ИМЕТО, МУ ПИША ПЕШЕВСКИ НА ИДНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРТИЈАТАПоранешниот вицепремиер Владимир Пешевски си заминува од Основниот суд Скопје по рочиштето за предметот „Траекторија“ на 6 декември. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владимир Пешевски, поранешниот вицепремиер во владата на Никола Груевски, вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде дел од решението за името во писмото до новиот лидер на партијата, кој треба да биде избран на конгресот во Валандово на 23 декември. Во писмото, објавено на неговиот профил на Фејсбук, Пешевски го советува наследникот на Груевски дека треба да бидат мудри и да го препознаат, како што вели тој, историските момент и шанса во преговорите за името.

    „Ќе започнам од најгорливото прашање, а тоа е процесот што следи во однос на преговорите за името на нашата држава. Треба да настојуваш да бидеме колку што е можно поактивно вклучени во овој процес, односно да не дозволиме да ни се сервира решение на принципот ‘земи или остави, со вас или без вас’. Иако е очекувано да опстоиме како партија на нашите традиционални цврсти позиции, сепак треба да бидеме мудри и да го препознаеме историскиот момент и шанса која се чини ни се укажува како земја. Да покажеме дека можеме да бидеме и ние дел од решението. Историјата ќе покаже дали можело овој проблем да се реши порано или подобро, но сега е многу поважно да се реши што поскоро. За мене лично долги години, и пред да се бавам активно со политика но и подоцна, ми беше нејасно зошто за најважниот проблем кој со години го имаме како земја, беа одвојувани скромни ресурси во смисла на финансиски средства и луѓе“, вели Пешевски.

    Понатаму во писмото, тој вели дека неговата политича кариера е завршена и сака да му се врати на бизнисот и да се посвети повеќе на семејството. Пешевски е еден од четворицата обвинети за проневерени 155 милиони евра во постапката за изградба на кинеските автопати во предметот на СЈО „Траекторија“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира