ВМРОВЦИТЕ НЕ ГЛАСАА, КОМИСИЈАТА ПРЕДЛОЖИ ДО СОБРАНИЕТО ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИ

    ВМРОВЦИТЕ НЕ ГЛАСАА, КОМИСИЈАТА ПРЕДЛОЖИ ДО СОБРАНИЕТО ДА МУ СЕ ОДЗЕМЕ МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИПратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска тврди дека Груевски не можел да го оправдува своето отсуство поради пратеничката група на СДСМ. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања изгласа предлог до Собранието да му се одзеде мандатот на избеганиот осуден пратеник Никола Груевски, кој повеќе од 6 месеци не се има појавено на собраниски седници.

    Пред гласањето, присутните пратеници кажаа неколку збора и за неоправдувањето на отсуството.

    „Но, Груевски има добиено политички азил во Унгарија и не можел поради пратеничката група на СДСМ да се пријавува, т.е. да го оправдува своето отсуство“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска.

    Заменик претседателката на Комисијата Снежана Калеска-Ванчева ѝ објасни на Стаменковска дека никој од ова Собрание не го натерал Груевски да избега.

    Потоа, го стави дневниот ред на гласање. Со 5 гласа „за“, ниеден „против“ и ниеден „воздржан“, Комисијата одлучи да му предложи на Собранието да му го одзеде мандатот на пратеникот Никола Груевски кој повеќе од 6 месеци не доаѓал на работа и отсуството не го оправдал.

    Тројцата присутни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, иако синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, одлучи да ги охрабри пратениците да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски.

    Пленарната седница по овој предлог треба да ја закаже претседателот Талат Џафери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира