ВНИМАТЕЛНО СО ОНЛАЈН КУРСЕВИТЕ ЗА ТРГУВАЊЕ СО БИТКОИН, ПРЕДУПРЕДИ НАРОДНА БАНКА

    ВНИМАТЕЛНО СО ОНЛАЈН КУРСЕВИТЕ ЗА ТРГУВАЊЕ СО БИТКОИН, ПРЕДУПРЕДИ НАРОДНА БАНКАНБРМ предупреди дека според важечката регулатива во земјава, вложувањето од правните и физичките лица резиденти во Македонија во виртуелни или криптовалути не е дозволено и е ризично; - Логото на биткоин поставено на саемот и конференцијата за биткоин во Њујорк во 2014 (Фото: АП)

    Народната банка на Република Македонија (НБРМ) денеска повторно предупреди на внимателност кон објавата за бесплатен онлајн курс за биткоин и начинот на тргување со оваа дигитална криптовалута, како и за други понуди кои доаѓаат преку електронските медиуми за купување и тргување со дигиталните криптовалути. НБРМ укажува дека според важечката регулатива во земјава, вложувањето од правните и физичките лица резиденти во Македонија во виртуелни или криптовалути не е дозволено, исто како што не е дозволено ниту отворање сметки и купување хартии од вредност и деривативни финансиски инструменти во странство, освен при пропишани исклучоци.

    „Дигиталните валути земаат сѐ поширок замав во светски рамки и интересот за нив сѐ повеќе расте, водено од високите и растечки приноси, без да се има јасна слика што значат точно вложувањата во криптовалутите и кои се ризиците коишто ги носат тие. Некои дигитални валути имаат елементи на пирамидални шеми, како што е случајот со Уанкоин (OneCoin), при што во неколку земји од Европа беа објавени предупредувања или беа започнати истраги за вложувањата во Уанкоин. Од друга страна, некои криптовалути, како на пример биткоинот, се прифатени и се во примена во одредени земји“, велат од НБРМ и укажуваат на ризиците кои произлегуваат од ваквите вложувања, бидејќи средството кое овозможува многу високи приноси, вообичаено носи и големи ризици за загуба. „Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните криптовалути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне. Според информациите од Интернет, на почетокот на 2010 цената на еден биткоин изнесувала 0,003 долари, додека денес цената изнесува преку 2.500 долари за еден биткоин. Или само за неколку месеци од 2017, цената на еден биткоин се зголемила за близу 300%. Вредноста на криптовалутите се менува главно врз основа на побарувачката за нив, така што и пазарот за нив е нестабилен. Доколку опадне популарноста на крипто валутата, соодветно ќе се намали и нејзината вредност“, велат од НБРМ.

    Од Банката укажуваат и дека тргувањето со дигиталните валути се врши преку платформи кои најчесто не се регулирани и чиишто правила за работење се предмет на чести измени, па дури и запирање со работа без најава ниту објаснување. Не постои никаква правна заштита за средствата кои се вложени преку овие софтверски платформи, ниту пак постои механизам за обесштетување на клиентите, како што е тоа случај со депозитите вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка. „Купените криптовалути се чуваат на виртуелна сметка или т.н. дигитален паричник, кој е и најчеста мета на хакерските напади, што може да предизвика директна загуба за вложувачите. Учесниците во трансакциите со виртуeлните валути најчесто се анонимни и самите трансакции не може да се следат, што вообичаено создава сомнеж дека трансакциите може да бидат поврзани со криминални активности, перење пари, финансирање тероризам. Доколку се појават вакви сомневања, надлежните органи според своите законски овластувања, можат да ја блокираат платформата и да ги замрзнат средствата, што покрај финансиската загуба, може да влијае и врз интегритетот на вложувачите“, предупредува НБРМ.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира