Јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), невладина организација која ги следи јавните набавки. Според извештајот на ЦГК од редовниот мониторинг, во 2023 година се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година.
Според мониторингот, просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7, а во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Од ЦГК велат дека отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките.
„41% од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Најголем дел од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси, и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите. И 51% од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23% од компаниите вклучени во истражувањето“, се вели во соопштението на ЦГК.
Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по кои што институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.
Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година, општините за набавки потрошиле 40% повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25% од вредноста на сите тендери.
М. ИЛИОСКИ